07/10/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Градоначалникот Георгиески воден од желбата да биде главен партиски извршител во Охрид продолжува брутално да ја партизира општинската администрација

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„Градоначалникот Константин Георгиески воден од желбата да биде главен партиски извршител во Охрид продолжува брутално да ја партизира општинската администрација во Охрид. Во обид малку да го намали тонењето на СДСМ во Охрид прави огромна штета на општина Охрид вработувајќи лица со сомнителен капацитет и потенцијал.

Дали на огласите Георгиески ќе унапреди лице осудено со правосилна судска пресуда по сопствено признание за злоупотреба на службена положба и лице кое беше опфатено со предметот Јагула?

Точно ли е дека ќе се најде место и за неколку истакнати партиски членови и активисти на СДСМ?

Дали следува и наградата за ДУИ и ВМРО-НП заради поддршката при неодамнешниот избор на командир на ПС Охрид?

ВМРО-ДПМНЕ е сериозно загрижено за оваа состојба па оттука отворено го прашуваме Георгиески:

Дали е точно дека преку секретарот врши притисок врз вработен во општина Охрид да се откаже од огласот за раководно место во општинската администрација само поради тоа што не поминувал во партиската евиденција на СДСМ?

Вистина ли е дека се врши притисок врз раководителот на одделението за човечки ресурси и останатите членови на комисијата за вработување на претстојното интервју да му дадат 0 поени за да не помине на интервјуто?

Дали за најмалку три позиции се местат поените на интервјуто како би можеле кадрите на СДСМ да бидат избрани иако серизно заостануваат на ранкинг листите?

ВМРО-ДПМНЕ има детални информации за сè што прави и се обидува да прави Георгиески.

Будно го следиме процесот и му порачуваме на Георгиески да престане. По 3 ти јануари им ветуваме на граѓаните дека правдата ќе стигне за сите и секоја индикација за корупција детално ќе биде проверена. Ги охрабруваме обесправените граѓани и понатаму да продолжат да доставуваат информации до нас.

Охрид со СДСМ и Георгиески воопшто не е на правиот пат, а охриѓани се далеку од подобра иднина.“ – истакна Божиновски.