19/04/2024
Струга

ВМРО-ДПМНЕ: Иако се одвојуваат огромни суми за улично осветлување на Струга, езерското крајбрежје е обвиено во мрак

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко и неговите коалициони партнери од СДСМ очигледно се грижат само за сопствените интереси и цели.

Иако се одвојуваат огромни суми од нашите пари за улично осветлување на градот, езерското крајбрежје е обвиено во мрак!

Имено, од Градскиот стадион, покрај патеката на езерското крајбрежје до Евро хотел, воопшто нема улично осветлување!

Компанијата која го доби тендерот уште во предходниот мандат на Рамиз Мерко е одговорна за уличното осветлување во Струга, но како што гледаме приоритет е парите да легнат на сметка, а не е важно дали градот ќе биде осветлен.

Не е проблем само уличното осветлување, проблем се и уличните кучиња кои секојдневно се во се поголем број, за кои Рамиз Мерко и неговите коалициони партнери од СДСМ немаат слух и покрај сите јавни апели и молби на нашите сограѓани!

Господине Мерко, Вашето ауди блеска, ама нашите проблеми кои ги криете под тепих, секојдневно се зголемуваат!

Не заслужувате ни еден ден повеќе да ја водите нашата општина, затоа бидете доблесен и поднесете си оставка. Има луѓе кои сакаат да направат од Струга, напреден и просперитетен град, а не град во кој не се решаваат ниту најосновните проблеми на нашите сограѓани!“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга.