20/04/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Ја повикуваме централната власт веднаш да преземе мерки за запирање на ова дивеење сред Охрид

Денес пред Општина Охрид се одржа прес-конференција на која говореше Лидија Петкоска, советник во општина Охрид и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

„Повеќе од недела дена нема никаква реакција од страна на властите за безправното узурпирање на брегот на Охридското Езеро.

Без дозвола гради бетонска база на самиот брег на езерото. Вакво бесправно градење и непочитување на законите од страна на локални моќници е возможно само во вистински режим, како овој на Зоран Заев и криминалната влада која ја предводи.

Охрид ризикува да го изгуби статусот на град заштитен од страна на УНЕСКО поради самоволието на локалните моќници. Локалната власт која е во директна спрега со Усеини е на пат да го сруши угледот на Охрид во светот.

Бетонската база е опасност како за статусот на Охрид како град под заштита на УНЕСКО, така и по Охридското Езеро кое е природно богатство на Република Македонија.

Ја повикуваме централната власт веднаш да преземе мерки за запирање на ова дивеење сред Охрид, доколку во најкус можен рок ништо не се преземе, штетите ќе бидат преголеми и ненадоместливи.

Законот е јасен и дециден. Дивеењето на урбаната мафија мора да запре. Мора да бидат преземени мерки согласно закон. Секој оној кој сега спротивно на закон го овозможува хаосот и градењето без дозвола ќе биде санкциониран кога ќе се врати владеењето на правото во Република Македонија.“ – истакна Петкоска.