ВМРО-ДПМНЕ: На немилите настани во Струга им нема крај

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„На немилите настани во Струга им нема крај!

Потресени сме и згрозени од настанот кој што се случи вчера во СОУ ,,Нико Нестор” каде физички бил нападнат ученик од трета година и професорка која се обидела да го заштити.

Каде се Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи да го расветлат овој случај?!

Зарем нашите деца се оставени на милост и немилост во училиштата?!

Како може да се дозволи да биде нападнато дете во кругот на училиштето?

Навистина е загрижувачки фактот дека секојдневно сме сведоци на меѓусебни и меѓуетнички тепачки и пресметки на учениците!

Да биде поголема трагедијата, на платен список, имало четворица вработени како обезбедувачи на училиштето, но очигледно се обезбедувачи само на хартија!

Што треба да се случи за да преземете мерки, да згасне некој млад живот во училишна тепачка?!

Да остане некое дете со трајна физичка или психичка последица?!

Па, почитувани господа од власта, ние децата ги пуштаме на училиште за да стекнат знаење и еден ден да станат академски граѓани, а не, да бидат жртви на вашата неспособност за менаџирање со образованието и науката!

Срамно и жално е во 21 век, децата да бидат жртви на една влада, на која не ја интересира просперитетот, образовниот систем и напредокот на нашите деца, за кои патем се чукавте во гради дека ќе вложите во образованието, за децата да ни останат во Република Македонија, а не масовно да се иселуваат!

И не само што не вложивте во образованието, туку немилосрдно ги скративте и финансиите на училиштата и во Струга и ширум Македонија!

Засрамете се, го пробивте и дното!“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга.