ВМРО-ДПМНЕ: На противзаконското работење на градоначалникот Стојаноски и СДС им нема крај
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„На противзаконското работење на градоначалникот Јован Стојаноски и СДС им нема крај.
Градоначалникот Јован Стојаноски и неговите соработници продолжуваат со хаотичното, неодговорно и лошо раководење на општина Охрид.
Јасно е дека брутално ги прекршија законите именувајќи незаконски членови на Управните и Надзорните одбори на јавните претпријатија како и на Училишните одбори на Основните и Средните училишта во Охрид, сега дури не ги почитуваат одредбите од Статутот на општина Охрид и Законот за локална самоуправа.
Во член 39 од Статутот на општина Охрид пишува: „Градоначалникот со решение определува член на Советот кој ќе го заменува за време на спреченост или отсуство. Решението од став 1 на овој член Градоначалникот го донесува во рок од 30 дена од денот на преземањето на функцијата. Решението од став 1 на овој член се објавува во „Службен гласник на општина Охрид“.
Факт е дека Јован Стојановски и по нешто повеќе од 100 дена на функцијата сè уште нема назначено свој заменик. Со тоа го девалвира Советот како орган на општина Охрид и претставнички орган на граѓаните, ставајќи ги советниците во подредена позиција.
Нека излезе пред јавноста доста се крие од граѓаните. Јавно го прашуваме Стојаноски дали заборавил да ја испочитува оваа одредба од Статутот на општина Охрид или пак сè уште не може да ги искомпонира желбите на неговите коалициони партнери па не може да се одлучи на кому ќе ја додели оваа значајна позиција?
Го повикуваме Градоначалникот Јован Стојаноски веднаш да престане со непродуктивните туристички прошетки низ Србија на товар на граѓаните на Охрид и конечно да почне нешто да работи. Кога веќе ги препиша програмите за работа редно време е да почне и да ги спроведува!
Охриѓани многу брзо ги препознаа лагите и манипулациите на СДС и градоначалникот Јован Стојаноски за кои одговорност мора да има и ќе има.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.