28/03/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Не постоеја сериозни намери од Градоначалникот за проблемот со дивоградбите, туку само предизборно пазарење

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше портпаролот на Општинскиот комитет, Перчо Божиновски.

„Власта нема капацатет да се справи ниту со здравствената, ниту со економската криза всушност како што тоа го докажа и со дивоградбите.

Делумното и селективно рушење на почетокот на летото беше само евтин политички маркетинг во очи на изборите. Ние и тогаш укажавме, а сега се потврдува дека не постоеја сериозни намери од градоначалникот Константин Георгиески за решавање на проблемот со дивоградбите, туку со цел само предизборно пазарење.

Иако рокот на УНЕСКО е пробиен сепак Георгиески нема одма да го решава проблемот со дивоградбите, туку кога општината ќе ги добиела средствата за спроведување на препораките од УНЕСКО.

Зошто Георгиески броеше секунди за справување со дивоградбите кога сега вели дека општината немала доволно средства самата да се справи?

Не постои никакво оправдување во услови кога милиони денари се кратат од капитални инвестиции да не се пренаменат средства за рушење.

Лицемерно е Георгиески да изјавува дека ќе објавува нов оглас за давање на плажите под концесија, а од друга страна вели мора нивно враќање во првобитна состојба.

До кога планира Георгиески да ги исплаќа предизборните фактури?

Доколку Георгиески е уценет чесно е да каже дека не може да се справи со дивоизградените објекти.

Нема решение за управување со отпадот, не се решава проблемот со депонијата во Буково, не е запрено уништувањето на трската, не се заштитува Охридското Езеро, а поради сето тоа останува загрозен статусот на Охрид во УНЕСКО.

Со оваа власт ниту ќе се срушат дивоградбите, ниту има справување со здравствената и економската криза, ниту приорет е заштитата на здравјето на граѓаните.“ – истакна Божиновски.