ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид: Уште една наставна година учениците и наставниците останаа без ветените проекти

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.

„СДСМ откако дојде на власт образованието во Охрид го допре дното. Со СДСМ и градоначаликот Константин Георгиески нема нови градинки, нема нови училишта. Со ребалансот на буџетот имаме 1.791.500 денари помалку општински средства за основно и 3.500.000 денари помалку за средно образование.

За капитални инвестиции и реконструкции на основни училишта минус 8.000.000 денари и 3.000.000 денари помалку за средно образование.

Со кое лице и зарем ни малку срам многуте советници од мнозинството како просветни работници ги поддржаа скандалозните предлози на Георгиески?

Уште една наставна година учениците и наставниците останаа без ветените проекти.

За жал реалната ситуација е дека со оваа Локална власт нема да има замена на надворешна столарија во ОУ „Христо Узунов“, во музичкото учлиште „Методи Патче“, ОУ „Св. Наум Охридски“ (Коњско) и ОУ „Кочо Рацин“.

Реконструкцијата на подовите ќе почека на подобри времиња за ОУ „Григор Прличев“ и ОУ „Кочо Рацин“ (Горно Лакочереј).

Георгиески да одговори зошто дозволи да се скратат средствата за санацијата на тавани и кров во Основните училишта во Горно Лакочереј и во Коњско?

Се кратат средства за обезбедување на училиштата и градинките со чуварска служба, а нема средства ниту за наградување на најдобрите наставници.

Зошто Георгиески предложи да се скратат средства за реконструкција на подови во Гимназијата и во ЕМУЦ, како и за санација на покривот во Гимназијата?

СДСМ и Георгиески кратат милионски суми на деца и нивната безбедност, како и правото на основни услови за работа за образовните институции.

За градинки се кратат 16.300.000 денари, средства кои беа ветени за надградба, а сега се намалуваат на само 5.000.000 за санација на објект Централна.

Локалната власт предводена од СДСМ и Георгиески е против изградба, реконструкција и уредување на отворени спортски терени и дворни места во основните и средните училишта.

Ништо од инвестицискиот бум во образованието лицемерно најавуван пред изборите. Единствено што добија учениците се нови свидетелства со Северна Македонија.

Со СДСМ и Георгиески 2019 година ќе биде година на срамот во образованието!

Докажаа дека не знаат да определат приоритети, работаат непосветено, неодговорно и недомаќински за доброто на Охрид и охриѓани.“ – истакна Божиновски.