29/03/2024
Македонија

Во Источниот регион ќе инвестираме преку 300 милиони евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, денеска извршија увид во градежните работи на експресниот пат Штип – Кочани.

Во продолжение интегрален текст од изјавата на министерот Сугарески:

„Заедно со директорот на ЈП за државни патишта денеска извршивме увид во градежните работи на експресниот пат Штип – Кочани. Должината на овој нов патен правец изнесува 28 километри и предвидена е изградба во две фази.

Во тек е изградба на првата фаза од Штип до Крупиште во должина од 14,3 километри, инвестиција со вредност од преку 20 милиони евра.

При изградбата на оваа фаза наидовме на состојба која создаде потешкотии при реализацијата на проектот, меѓутоа полека успеваме да ги надминеме и во моментов вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 20%.

Што се однесува на втората фаза од Крупиште до Кочани сакам да ве информирам дека во тек е одобрување на тендерската документација.

Владата на Република Македонија е силно посветена на подобрување на патната инфраструктура во земјата.
Источниот регион е токму оној во кој се предвидени најголеми инвестиции во изградба и реконструкција на патната мрежа. Тука ќе реализираме инвестиции од околу 300 милиони евра во изградба на автопати, два експресни патишта и реконструкција на регионалните патишта.

Ќе ги споменам:

Изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 77% и согласно анекс договорот што го потпишавме, очекуваме да биде завршен до септември оваа година.

Потоа, експресниот пат од Штип до Радовиш за кој очекуваме изградбата да започне овој месец а делницата да биде завршена до крајот на 2020.

Изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, на кој што се наоѓаме денеска;

Реконструкција на регионалниот пат од Кочани до Виница;

Реконструкција на регионален пат Штип – Радовиш.

Генерално, како Влада остануваме силно фокусирани на изградбата на патната мрежа во државата. Она што го ветивме пред граѓаните, во следниот период ќе го реализираме“ – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.