28/03/2024
Дебрца

Во Издеглавје одбележан јубилејот – 75 години од одржувањето на Првиот свештенички собор

Денес во историското село Издеглавје, во слободоносна Дебрца, Македонската православна Црква-Охридска Архиепископија го одбележа јубилејот – 75 години од одржувањето на Првиот свештенички собор (присуствувале 11 свештенослужители), на ден 21.10.1943 година, кој претставува основа за возобновувањето на Охридската Архиепископија, во ликот на Македонската Православна Црква.

Притоа, било формирано првото архијерејско намесништво на ослободената територија, а за прв намесник бил избран свештеникот Антим Попоски.

На денешниот настан во црквата Св. Никола присуствуваа членовите на Светиот Синод на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, на чело со Поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство г.г. Стефан, Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, голем број на свештенослужители на МПЦ и месното население.

На настанот се отслужи парастос, односно молитвена средба, во чест на 11-те свештенослужители, учесници на Првиот свештенички собор.

„Ми причинуваше особена чест што имав можност да присуствувам на одбележувањето на овој значаен настан од револуционерното минато на нашата Дебрца.“ – истакна градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.