28/03/2024
Охрид

Во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник најавена радосната вест за Воскресението Христово

На 02.05.2021 година, на денот кога го прославуваме преславното, торжествено и светлоносно Воскресение Христово, на денот кога нашиот Спасител со Своето Воскресение ги скрши вратите на адиот и на сите нас ни даде можност и ние да совоскреснеме со Него, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, торжествено, со слаткопенија и биење на камбаните, беше дочекан овој најрадосен ден за човештвото.

Воскресеннието Христово го објави Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Васил Михајлоски. Потоа беше прочитано и Велигденското послание, испратено од Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ-ОА.

Според црковниот поредок, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на која сите кои постеле и се подвизувале во изминатиот великопосен период, го крунисаа својот труд со заедничарењето во светата Чаша.

На сите верници на Дебарско-кичевската епархија, како и на сите верни чеда на МПЦ-ОА, им го честитаме овој најрадосен ден, со древниот христијански поздрав: Христос воскресе!