16/04/2024
Дебрца

Во недела, сенародно, ќе  слави – славна Дебрца

Во недела, во повеќе села и со повеќе манифестации,  сенародно, ќе слави славна Дебрца – вели за Либертас, градоначалникот на оваа мала, но со активностите – богата општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Случувањата се дел оде кампањата, односно програмата за одбрана  на територијата од еколошка загроза.

Централната манифестација, со симболичниот термин – “пет до дванаесет!” ќе се одржи во селото Годивје, на просторот каде е замислено отворање на регионална депонија.

– Овој пат нема да митингуваме, туку ќе празнуваме. Ќе јадеме, пиеме, играме и пееме,  вели за Либертас,  Миленко Андрески, формален организатор на манифестацијата, со формалното име –  “Гомлезијада – Годивје – 2018”.

Манифестацијата започнува во  8,00 часот, со подготвување на народниот, локален, специјалитет – ѓомлезе, мегу населението познато јадење и како тури – потпечи.

Според програмата, 20 – ина припаднички на понежниот пол, од сите села на општина Дебрца, со своите реквизити – сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат гомлезе според личен рецепт, додека организаторот обезбедува брашно, зејтин, сол и дрва.

Во дегустацијата, оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе, транспарентно, ќе учествуваат сите посетители, по што следи доделување на наградите – за прво, второ и трето место.

За целото време, гостите ќе ги забавуваат фолклорни групи, како Група Прима Бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски, Спасе Матлиоски и други.

Но, тоа не е се, вели Андрески и додава:

– Од културолошки аспект тоа ќе биде мал фолклорен фестивал. Покрај од општина Дебрца ( КУД “Дебрца”-Мешеишта), и општина Охрид, ќе настапат фолклорни ансамбли од други македонски градови, но и од 4 странски земји: “Дофтината” (Валеа Дофтанеи) – Романија, “Скални” од Краков – Полска, “Подуенска китка” од Софија, Бугарија и КУД “Св.Криж”, од Зачартје, кај Загреб – Хрватска, додава Андрески.

Дебрца се буди. Во тек се активностите од 34-та, по ред, Ликовна колонија “Дебрца – 2018”, чии учесници во недела ќе творат во Црвена Вода, а потоа ќе им се придружат на славениците во селото Годивје. 

Веле Митаноски