29/03/2024
Охрид

Во сабота ќе се одржи „Охридска софра 2019 – Ѓомлезијада“

Во сабота, 27 јули, во живописното село Скребатно во близина на Охрид, по седми пат ќе се одржи традиционалната манифестација, вистинска гурманско-туристичка атракција „Охридска софра 2019“, а ѓомлезето како најомилен деликатес од овој крај, ќе биде „ѕвездата“ на настанот.

Како што е познато, ѓомлезе, ѓомлезец, тури-потпечи или кашаник е македонско традиционално јадење, симбол на кулинарството во Охрид и Струга, а сите присутни ќе можат да гледаат како се приготвува, а потоа и да го дегустираат.

Велат, кој не пробал Охридско ѓомлезе под сач, не знае што пропуштил! Ова е вистинска прилика да се надомести пропуштеното, и бидејќи специјалитетот се подготвува неколку часа, веќе од 8 ч. наутро ќе се палат ѓомлезарски огнови а многубројните натпреварувачи ќе бидат на својата позиција уште од самиот старт.

Официјалниот почеток на манифестацијата е 10 часот и истата, декларирана како најомилена во локалните рамки претставува извонредна можност за промоцијата на алтернативниот туризам во охридскиот регион, како и потсетување на она што значи традиционална софра.

Во текот на неколкучасовната програма, готвачите од Гастромак ќе имаат специјално “Cooking Show”, специјалната жири комисијата ќе го пробува и оценува подготвеното ѓомлезе а најдобриот ќе го каже рецептот за овој специјалитет. Се подготвуваат уште неколку гурмански изненадувања, но затоа – од местото на настанот.

Во склоп на „Охридска софра 2019“ ќе биде снимано нашето најпопуларно готвачко шоу „Вкусот на традицијата“ со Адријана Алачки, а Градоначалникот на Општина Охрид, Koнстантин Георгиески ќе ги прогласи годинешните победници.

Дуетот Селимова – Желчески и Ансамбл Билјана ќе настапат во музичкиот дел, што ќе се случува на крајот на манифестацијата.