23/04/2024
Охрид

Во среда хуманитарен хепенинг за помош на Сара Настеска во ОУ „Григор Прличев“

ОУ „Григор Прличев“ Охрид ги поканува сите граѓани на хуманитарен хепенинг за помош на Сара Настеска.

ОУ „Григор Прличев“ Охрид е училиштето во кое 15-годишната Сара Настеска го стекна своето основно образование и училиште во кое учи нејзиниот брат Виктор. Вработените и другарите од школските клупи зборуваат за нив двајца дека се ученици за пример и другари за век.

Со цел да и се помогне на Сара да ја врати златната насмевка на нејзиното лице и да се охрабри Виктор во неговиот јуначки гест, во училишната сала од ОУ „Григор Прличев“, во недела со почеток во 19 часот ќе се организира хуманитарен маскенбал по повод Halloween за учениците од осмо и деветто одделение и за средношколци од прва и втора година. Влезот е 100 денари и собраните средства ќе бидат наменети за лекувањето на Сара.

Исто така, вработените и учениците во ОУ „Григор Прличев“ Охрид организираат хуманитарен хепенинг во среда во 16:30 часот со акцијата: Од мене, од тебе, од нас… за Сара!

Хепенингот ќе биде придружен со музика и песна од хорот и оркестарот при училиштето.

На хепенингот, покрај тоа што ќе може да се купат производи, посетителите ќе можат и да донесат производи за да ги продаваат.

Се покануваат сите граѓани на Охрид да земат учество на продажната акција со свои креативни дела, со цел да им покажеме на Сара и Виктор дека хуманоста и другарството немаат граници!