28/03/2024
Македонија

Во „Танец“ презентација на Питер Ендендајк, колекционер на македонска музика од Холандија

Во просториите на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ (ул. Венјамин Мачуковски бр. 7) утре (1 март) со почеток во 11 часот ќе се одржи кратка презентација на Питер Ендендајк, колекционер на македонска музика од Холандија и ќе биде поставена изложба на фотографии направени од тројца Холанѓани во Охрид и Струга во текот на седумдесеттите години на дваесеттиот век …

На настанот ќе се обратат министерот за култура Роберт Алаѓозовски и амбасадорот на Кралството Холандија Ваутер Пломп.

Петер Ендендајк и Анемик ден Аул од Холандија ја купиле првата плоча со македонска музика пред 55 години. Оттогаш, секоја година доаѓаат во Македонија, нарекувајќи ја свој втор дом. На нивната интернет страница може да се видат детални податоци за преку 700 албуми со македонска музика и уште неколку илјади албуми со музика од Балканот. Во текот на последните триесетина години, голем дел од оваа колекција ја имаат и дигитализирано, заштитувајќи на тој начин еден непроценлив дел од македонското културно наследство.

Следејќи ги трагите на познатиот холандски новинар и писател А. ден Доолаард, тројцата Холанѓани Фред Волп, Марја и Карлус Коупман летуваат на Охридското Езеро во периодот од 1973 до 1975 година. Во текот на овој период тие ги фотографираат и снимаат музичарите на улиците во Струга, Охрид и околните села – особено за време на викендите кога се одржувале и многу свадби. Дел од овие фотографии ќе бидат изложени на овој настан.