29/03/2024
Охрид

Во тек се уписите за пролетниот циклус од едукативната програма Време е за книга – Children story hour

Црвен крст Охрид со задоволство го најавува почетокот на пролетниот циклус од едукативната програма ВРЕМЕ Е ЗА КНИГА – CHILDREN STORY HOUR кој ќе стартува на 14.02.2019 година и ќе трае 15 недели.

ВРЕМЕ Е ЗА КНИГА – CHILDREN STORY HOUR е програма која се спроведува веќе деветта година во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид и е наменета за деца од 4 до 7 годишна возраст. Оваа интересна програма овозможува поттикнување и развој на креативноста, емоционалната сигурност, хуманоста и солидарноста кај децата уште од најмала возраст. Тимот волонтери кои ја водат програмата, на забавен и интерактивен начин ја поттикнува љубовта кон книгата и знаењето и користењето на англискиот јазик кај дечињата. Користејќи ја детската литература на англиски јазик од библиотеката во Црвен крст Охрид, дечињата учат како да се грижат за книгите, да ги чуваат, изнајмуваат, читаат и враќаат. Преку песничките и друштвените игри се овозможува децата да се дружат меѓу себе и да ги јакнат комуникациските вештини. Катчето за креативни работилници нуди одлична можност за поттикнување на креативноста, истражување и користење нови материјали и техники.

Покрај програмата за децата, оваа програма е надополнета со организирани дискусиони групи за родители. менторирани од страна на стручни лица од различни области, според потребите и желбите на родителите (педагози, психолози, педијатри, стоматолози, социјални работници…).

Уписите се во тек и ќе траат до 12 февруари. Заинтересираните родители со своите деца се добредојдени во просториите на Црвен крст Охрид, секој работен ден од 8-16 ч., каде ќе можат да дознаат повеќе за содржинскиот дел од програмата и да пополнат соодветната апликација.

Исто така информации и запишување за следење на оваа програма може да се изврши и со електронска апликација на фејсбук страната на Црвен крст Охрид.