20/04/2024
Охрид

Во Велгошти одбележани 118 години од формирањето на првата востаничка чета во охридско

Во Велгошти во манастирот Света Петка одбележани 118 години од формирањето на првата востаничка чета во охридско, која е најголема придобивка од револуционерната организација. Овој настан велгоштани со гордост го споменуваат и до ден денес го носат во срцето и душата.

За историското значење на овој чин, кој се смета за најголем успех на Охридската револуционерна организација говореше писателот Мирко Томоски.

„Ќе наведам еден пример за одданите револуционери и алчните предавници врзан со Велгошти додека Русински бил војвода. Во Охрид имало некој Јованче Шандан, бивш кројач, кој бил познат као шпион, за што бил добро платен бидејќи ја известувал власта за движењето на комитетот. На 10 ноември 1902 година, на некој празник, каде имало многу народ дојден од околните села, дошол во Велгошти со некој спахија и почанал да се распрашува за комитите. Потоа влегол во првата куќа и по наредба на спахијата му наредил на домаќинот да излезе. Само што излегле од куќата, велгоштанецот испукал два куршума од револверот и го ранил Шандана во грбот. Поради овој случај, уште следниот ден, полицијата затворила 25 души од Велгошти“, истакна Томоски.

Велгоштани со оглед на неговото значење за целокупната македонска историја, бараат да му се придаде поголема важност на овој настан од македонската историја. Велат одбележувајќи ги и славејќи ги овие војводи и нивното херојско дело, ние се величиме самите себе, нашата историја и нашето национално единство.

Инаку на формирањето на четата присуствувале: Христо Узунов, Наум Цветинов, Андреј Христов, Наум Златарев и Никола Костојчинов, а според најновите откритија е забележано дека и мајката на Узунов присуствувала на овој настан. Тогашниот свештеник војводите ги нарекол реинкарнирани Самоилови војници.

Свежо цвеќе положија делегациите на МЗ на с.Велгошти, МК на ВМРО ДПМНЕ Велгошти како и ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид.