25/04/2024
Охрид

Волонтерите на Црвен крст Охрид го одбележаа Денот на млади – Youth Day

Младост, хуманост, позитивна енергија ширеа и денес младите волонтери на Црвен крст Охрид, овојпат од платото пред Центарот за клутура „Григор Прличев“ каде во прекрасно дружење, многу едукативни и креативни содржини и забава го одбележаа својот Ден на млади – Youth Day.

„НАШАТА ПРИКАЗНА ПРОДОЛЖУВА“ беше мотото на овој настан кој привлече многу посетители, особено од редот на младите од нашиот град кои ја искористија можноста да се информираат за активностите на Црвен крст Охрид и се зачленат и станат волонтери на Клубот на млади при Црвен крст Охрид. Дел од нашите волонтери својот талент го изразија преку изработка на графит-мурал на еден од зидовите на Центарот за култура, дел се забавуваа играјќи креативни игри, дел ги анимираа најмладите минувачи и нивните родители да бидат дел од photo booth сесијата, а сите учествуваа на работилницата за танц.

Едногласна и силна беше пораката на младите на Црвен крст Охрид до сите наши сограѓани и до своите врсници, да се приклучат на големото хумано семејство на Црвениот крст каде на најефикасен и најкорисен начин ќе можат да ја негуваат хуманоста, солидарноста и благородноста и да се развиваат во високо морални личности.

Црвен крст Охрид изразува благодарност до Центарот за култура „Григор Прличев“, балетското студио „Соната“ и организацијата Canadians For Children At Health Risk (CCHR) од Канада кои го помогнаа одржувањето на овој настан.