15/07/2025
Охрид

Време е за редизајн на информативните табли: Прво објектот, па Општината

Очигледно е дека Општина Охрид треба да ги обнови информативните табли, особено оние од јавните образовни и воспитни установи што се поставени долж улицата „Димитар Влахов“.

Пред 2-3 месеци, случајно нè запрашаа: „Дали ова е Општина Охрид?“ — покажувајќи кон таблата од Гимназијата. Им објаснивме дека тоа не е општинската зграда, туку дека таа се наоѓа 300 метри подолу на истата улица.

Денес, пак, затекнавме двајца граѓани, очигледно привремено сместени во Охрид, од кои едниот му довикуваше на другиот: „Еј! Каде одиш? Абе, еве ја Општината! Еве ја Општина!“ — покажувајќи кон таблата пред ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Со оглед на тоа дека натписот на таблата започнува со „ОПШТИНА ОХРИД – Единица на Локална Самоуправа“, тоа очигледно ги доведува луѓето во заблуда, особено посетителите или оние со времен престој.

Луѓето обично читаат брзо, одозгора надолу, па најзабележливиот дел од таблата го сметаат за назив на објектот, без да навлезат во деталите. Во пракса, ретко кој се задржува да ја чита таблата целосно и внимателно, особено ако е во движење.

Сметаме дека новите табли би требало најнапред да го содржат називот на конкретниот објект, додека информацијата „Општина Охрид – Единица на Локална Самоуправа“ може дискретно да се постави во долниот дел од таблата, со помали, ненападни букви.


WebOhrid / 02.07.2025