16/04/2024
Охрид

Врвни македонски уметници ја затворија музичката програма на годинешното „Охридско лето“

Музичката програма на 60-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер беше затворена со премиерна изведба на извонредниот концерт „Музички пријателства“ на врвната македонска обоистка Гордана Јосифова-Неделковска.

Во предворјето на црквата „Света Софија“ пред бројната публика, поетесата на обоа како што ја нарекува стручната критика, настапи заедно со познатиот македонски флејтист Страшо Темков, виртуозот на гитара Влатко Стефановски и младата пијанистка Елена Атанасовска-Ивановска.

-Програмата беше нестандардна, конципирана во три блока, премиерна изведба. Гости беа моите најблиски соработници, музички пријатели, доцент Елена Атанасовска-Ивановска со која имам реализирано бројни концерти во странство и е вистинско уживање да се настапува со ваков врвен пијанист, професор Страшо Темков со кого другарувам и музицирам од најрано детство, музичката легенда Влатко Стефановски со кого одамна веќе ни се вкрстија патиштата и имаме реализирано одлична соработка. Привилегија е да се соработува со вакви уметници со големо срце и богата душа со кои сум толку духовно поврзана, така што во заедникото свирење, немаме потреба за никаков вербален договор, изјави Јосифова-Неделковска.

Музичката вечер започна со прекрасната изведба на Арија од Свитата бр.3 од Јохан Себастијан Бах, на флејта и обоа, која само го наговести совршено одбраниот репертоар, а потоа следуваа композиции од Веруст, Пјацола, како и познати дела на светскиот композитор и диригент Енио Мориконе.

Виртуозите на обоа и гитара, Јосифова-Неделковска и Влатко Стефановски изведоа обработки на македонските народни песни „Си заљубив едно моме“ во аранжман на Сашо Ливрински, „Јовано, Јованке“, „Касапско оро“ и „Gipsy song“ аранжирани од Васко Атанасовски, како и „Не си го продавај Кољо чифликот“ заедно со флејтистот Темков.

-Беше вистинско уживање и голема инспирација изведбата на овие прекрасни традиционални нумери од изворната македонска музика, особено што беа во изведба на виртуозот Влатко Стефановски. Најавувам дека ќе продолжам со ваквите проекти, рече обоистката.

За прекрасно поминатата вечер, публиката постојано ги наградуваше македонските уметници со долги, бурни и стоечки овации.

-Оваа премиерна програма публиката ја прими одлично. Стоечките овации, големите аплаузи, солзите во очите на публиката се потврда дека реализиравме еден успешен проект којшто набрзо ќе го реализираме во Скопје, а и надвор од државата. Голема благодарност до менаџментот на „Охридско лето“ за поканата да бидам дел од ова фестивалско издание. Честитки за целиот тим на фестивалот којшто во ова време-невреме кога многу европски фестивали не успеаја да ја кренат завесата, „Охридско лето“ во целост ја реализира предвидената програма.Како никогаш досега, ни е потребно силно да ја доживуваме музиката, да дозволиме да ни ја оплемени душата и да не направи подобри луѓе, додаде Јосифова-Неделковска.

Крајот на магичната ноќ даде дополнителен белег на програмата со изведбата на композицијата „Обоата на Габриел“ од Мориконе.

-Темата „Обоата на Габриел“ на Енио Мориконе од филмот „Мисија“, Гордана ја имаше честа и беше благословена да ја свири со маестро Енио Мориконе. Јас бев на концертот и се разбира, горки солзи ронев додека ја слушав.Секогаш кога ја слушам или свирам оваа тема влегувам во друга состојба на духот, рече на синоќениот концерт гитаристот Стефановски.

На покана на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ во 2009 година.

Врвната обоистка покрај долгогодишната работа како селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во периодот од 2007-2016 е носител и на повеќе функции во музички организации, во два мандата е продекан на ФМУ- Скопје, а од 2009 година е избрана за декан на овој факултет кој го води во два последователни мандати.

Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија меѓу кои „13 Ноември“,„Виртуози“ во категоријата меѓународна афирмација, а одликувана е и со престижниот орден на Република Франција – „Витез од Редот на уметности и книжевност“ што се вбројува во четирите најважни одликувања во Франција. Успешноста на нејзиното делување е потврдена и со едно светско признание – во 2004 година од Уредничкиот одбор на Американскиот биографски институт таа е номинирана во категоријата „Успешни жени на 21 век“.