Вториот ден од „На зајдисонце“ во Трпејца во знакот на Сефедин Бајрамов
Вчеравечер на отворената сцена во Трпејца настапи познатиот интерпретатор на забавна музика и серенади Сефедин Бајрамов од Битола. Неговиот концерт беше во знакот 40 годишнината од првата изведба на легендарниот шлагер „Охридски спомени“ изведен 1979 на Скопскиот фестивал.
Со музика и вино од Винаријата „Квин Марија“ публиката уживаше во шлагерите и серенадите во изведба на Бајрамов и одблиску се запозна со неговата богата музичка кариера и бројните песни кои ги пеел по низа фестивали во Македонија и надвор од неа и особено на Фестивалот во Опатија на почетокот од осумдесеттите.
На концертот му претходеше отворањето на изложбата на детски цртежи создадени на дводневната работилница „Цртаме на зајдисонце“ со проф. Слободан Пупиноски. На работилницата учествуваа околу 30 деца од Трпејца и летувалци.
Денеска започна Работилницата за театар со актерката Марија Новак. Продуктот од четиридневната работа публиката ќе го види во петок навечер.
Вечерва – вторник на отворената сцена во Трпејца ќе гостуваат фолклорен ансамбл, оркестар и хор од општина Модра – Република Чешка. Тие се гости на Здружението „За Трпејца со љубов“ и синоќа гостите од Модра во нивна организација имаа настап во Охрид.
Главен настан утревечер ќе биде гостувањето на Куклениот театар „Си беше еднаш“ под раководство на Снежана Караџоска – Попова.
Манифестацијата „На зајдисонце“ финансиски ја помогаат Министерството за кулура и Општина Охрид.