За безбедно лето 2022

Летото е период на зголемена фрекфенција на моторни возила во сообраќајот. Дел од моторните возила се задржуваат во нашата република, а дел поминуваат транзитно. Зголемен е бројот и на другите учесници во сообраќајот, како на пример: велосипедисти, мотоциклисти, возачи на електрични тротинети, пешаци и др. Истовремено значително зголемена е и температурата која неповолно влијае врз сите учесници во сообраќајот, а посебно врз возачите кај кои како последица на тоа се јавува замор, невнимание, намалена концентрација и сл. Карактеристично за овој период од годината е и тоа што е зголемен и бројот на млади учесници во сообраќајот кои управуваат моторни возила често без возачка дозвола и со технички непроверени и неисправни возила. Младите возачи, особено во ноќните и раните утрински часови, возат брзо непочитувајќи ја препорачаната брзина, а често возат и под дејство на алкохол.

Сето ова го зголемува ризикот за загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Токму затоа, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведува кампања „Безбедно лето 2022“ заедно со Министерството за внатрешни работи на РСМ, Агенцијата за безбедност на сообраќајот и Министерството за внатрешни работи на Република Србија, и Факултетот за безбедност – Скопје.

          Во рамки на кампањата „Безбедно лето 2022“ се реализираат летна кампања под мотото „Вози одморен“ и кампања „Носи кацига“ наменета за возачите на мотоцикли, велосипеди и електрични тротинети, со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, и кај македонските и кај странските учесници во сообраќајот, преку едукација и подигање на свеста кај возачите за почитување на сообраќајните правила и прописи, со акцент на подигањето на свеста за влијанието на високите летни температури, заморот, неприлагодената брзина и конзумирањето алкохол врз способноста за управување со моторно возило.

РСБСП апелира: Сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, возачите да не возат уморни, да не возат кога се под дејство на алкохол и да не ја пречекоруваат препорачаната брзина. Кога се упатуваат на подолги патувања, да ја проверат техничката исправност на возилото, да го планираат времето за патување, да прават почести паузи за одмор надвор од моторното возило и да консумираат повеќе безалкохолни пијалоци.

Возете одморени, возете безбедно!


WebOhrid / 26.07.2022 / РСБСП