29/03/2024
Македонија

За конкурентна економија потребни се стручни вештини и зелени иновации

Четирите центри за извонредност на стручно образование и обуки за зелени иновации, формирани во Скопје, Грац – Австрија, Васа – Финска и Лерија- Португалија придонесуваат во создавање на квалификуван кадар, меѓу младите и веќе вработените за прилагодување кон нови технологии и зелена транзиција, процес од кој зависи конкурентноста на бизнисите и економијата, беше истакнато на прес-конференција која се одржа на Машински факултет во Скопје. Настанот беше дел од неколку дневна работилница на која присуствуваа триесетина претставници од четирите земји како партнери во проектот „GREENOVET“ кофинасиран од Европската Унија, во чии рамки се формираат овие центри.

Проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машински факултет – Скопје, појасни дека целта на работилница е да се постават основите за одржлив развој и самостојно функционирање на новоформираните центри за извонредност.

„Машинскиот факултет е горд што како учесник во проектот е домаќин на еден ваков центар кој меѓу првите се формира во Европа. Овие центри треба да ги подготват младите да се прилагодат на процесот на зелената транзиција која веќе се случува и која ќе има огромно влијание и врз начинот на размислување и однесување, но и врз системите на функционирање на целата индустрија. На пример, Европската група за транспорт и заштита на животна средина предлага до 2035 година целосно да се укине производство и продажбата на возила со внатрешно согорување кои работат на бензин, односно дизел. Доколку овие барања се усвојат на претстојниот самит на ЕУ, тоа значи дека и образовниот систем, но и индустријата, особено автомобилската, треба целосно да се преобрази и да се сврти кон новите зелени технологии. Овие центри треба да подготват соодветни човечки ресурси кои ќе бидат спремни да ги развиваат и имплементираат овие нови технологии“, изјави проф. д-р Поленаковиќ, потенцирајќи дека Машинскиот факултет и новооснованиот центар се мостот за соработка помеѓу истражувачките активности, индустријата, невладиниот сектор и образовните институции.

Во рамките на Центарот во Скопје се организираше средношколски натпревар „Најдобар бизнис концепт 2022 година” кој овозможи практична примена на вештините за развој на зелени иновации кај младите.

„Центарот ќе придонесе и за развојот на капацитетите на партнерите во проектот, преку обуки, како овие што сега се одржуваат на Машинскиот факултет од страна на светски реномирани експерти кои ќе придонесат за работата на центарот, но и за неговата одржливост, како и за развојот на услугите кои ќе ги нуди на сите чинители во стручното образование и обука. Центарот само потврдува дека Македонија воопшто не заостанува во исполнувањето на зелената агенда во рамките на ЕУ и дека директно сме вклучени во голем дел од  активностите кои ја поддржуваат зелената транзиција“, истакна доц. д-р Трајче Велковски раководител на Центарот во Скопје.

Покрај Машинскиот факултет како проектни партнери од нашата земја вклучени се и Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење, Раде Кончар ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“.

Бојан Јовановски, координатор на проектот „GREENOVET“ и претставник на Универзитетот за применети науки FH JOANNEUM во Грац, Австрија изрази задоволство што првата обука за развојот на овие центри, а воедно и првиот проектен состанок „во живо“, се одржува во Скопје.

„Споменав дека соработката е најважна за успех. Но не само соработката помеѓу партнерите, туку соработката со сите чинители на екосистемот за вештини. Затоа би сакал да ги повикам сите претставници од стопанството, образованите институции, владини и невладини организации, кои на било кои начин сметаат дека можат да влијаат на развојот на вештини да ги контактираат колегите од Центарот во Скопје и да придонесат кон развојот на Македонија во регионален лидер во зелената транзиција“, истакна Јовановски.

Проф. д-р Дорис Киендл раководител на Институтот за меѓународен менаџмент при Универзитетот за применети науки JOANNEUM  во Грац, Австрија истакна дека многу е важно да останеме конкурентни во Европа во услови на силната компетенција на глобалните чинители, што може да се постигне со заедничка и посветена работа.

„Проектот „GREENOVET“ дава придонес за подобрување на конкуренцијата  бидејќи ќе доведе до повеќе квалификувана работна сила во овие четирите региони. Европската комисија го означи Европскиот зелен договор како клучен приоритет. Затоа, нашите центри за извонредност се фокусираат на зелените иновации. Потребни ни се висококвалификувани луѓе кои можат да ги поттикнат зелените иновации во Европа, бидејќи имаме важни задачи што треба да ги решиме во областите на циркуларна економија, управување со енергија и транспорт, новите технологии како и претприемништвото поврзани со зелената транзиција“, истакна проф. д-р Киендл, која ја потенцираше силната соработка со земјите од Западен Балкан.


WebOhrid / 16.06.2022 / Сојуз на стопански комори