28/03/2024
Спорт

За крај на 2019 година, ФФМ донираше повеќе од 2000 топки за клубовите од Детска лига

Фудбалската федерација на Македонија организираше семинар за родители и претставници на клубови кои се натпреваруваа во Детска лига на ФФМ.

На семинарот одржан во „Александар Палас“ беа присутни повеќе од петстотини родители на деца кои се натпреваруваат во Детска лига и лица од 127 клубови од шесте региони во Детска лига.

Свои предавања на еднодневниот семинар / работилница имаа проф. д-р. Ванчо Поп Петровски – „Штетна и здрава исхрана“, проф. д-р. Ленче А. Величковска – „Спортски триаголник“, проф. д-р. Висар Ганиу – „Општински активности – однос“, м-р Драги Змијанац – прва детска амбасада „Меѓаши“, проф. д-р. Зоран Поповски -„Дискриминција и Насилство“, Бојан Марковски – „Грасрут и Детски Лиги 19/20“ и Марио Ѓурчиновски – „Родителска мотивација“.

Во име на Фудбалската федерација на Македонија обраќање имаше генералниот секретар, Филип Поповски.

– Во Фудбалската федерација на Македонија во изминатите години доминира грижата за младите. Со постигнатите резултати во младинските категории можеме да констатираме дека македонскиот фудбал ја сочува својата продуктивност. Тренерите завршија одлична работа која е од корист за нашиот фудбал и македонскиот спорт, но и во иднина мораме да работиме на подигнување на активностите на уште поголемо ниво. Фудбалот еволуираше на многу сериозен начин и мене ми е исклучително важно што и нашата федерација го следи модерниот тренд. Јас се надевам дека со организацијата на овој семинар ќе придонесеме нашата меѓусебна доверба да биде на повисоко ниво, но и да се собереме сите на едно место со цел подобрување на соработката, комуникацијата и меѓусебенниот однос, истакна Поповски

По завршувањето на едукативниот семинар на сите клубови од Детска лига, Фудбалската федерација на Македонија, исто како и минатата година кога беше поделена фудбалска опрема и топки, и годинава донираше вкупно 2100 фудбалски топки за потребите на клубовите од Детска лига, покажувајќи дека грижата за најмладите е еден од приоритетите, а на тој начин ќе продолжиме да ја градиме меѓусебната доверба со сите вклучени во работата со најмладите.