За прв пат доделени стипендии на лица со ретки болести и посебни потреби во општина Охрид

На пригоден настан кој се одржа денеска, градоначалникот Кирил Пецаков ги додели договорите за стипендирање на ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети.

Вакви стипендии се воведени за прв пат во Програмата за социјална и здравствена заштита на Општина Охрид и се финансирани од општинскиот буџет.

Градоначалникот Пецаков во своето обраќање пред присутните истакна дека оваа поддршка значи почеток на една поголема соработка и обезбедување на подобри социјални услови за лицата со ретки болести и посебни потреби како и за нивните семејства. Тој објасни дека Општина Охрид во согласност со можностите и законските регулативи за социјална заштита континуирано обезбедува поддршка на здруженијата и иницијативите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството и дека ваквата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Иницијатор на воведувањето на оваа нова категорија стипендии е здружението „Ретко е да си редок“. Претседателката на здружението Гордана Лолеска искажа голема благорност до градоначалникот Пецаков за соработката, за покажаниот интерес и прифаќањето на иницијативата. Таа изрази надеж дека оваа мерка на охридската локална самоуправа ќе служи како пример за останатите општини во државата, во насока на помош и поддршка за лицата со ретки болести и посебни потреби.

Оваа година ќе се исплаќаат вкупно 31 стипендија во оваа категорија. Стипендиите за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби се доделуваат по претходно распишан конкурс за период од 9 месеци во учебната 2021/22 година. Месечниот износ на стипендијата е 1500 денари за ученици и 3000 денари за студенти.

Општина Охрид како дел од програмата за образование и оваа година обезбеди стипендии за ученици од основните и средните училиштa како и редовни студенти запишани на додипломски студии во прва година.


WebOhrid / 03.03.2022 / Општина Охрид