29/03/2024
Македонија

Заеднична прес – конференција на Премиерите Заев и Ципрас

Претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во рамките на првата официјална, историска посета на премиер и на владина делегација на Грција на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за нивната меѓусебна средба, како и за билатералните средби на министрите во двете влади и за првата седница на Високиот Совет за соработка меѓу двете земји со кои претседаваа двајцата премиери.

Во своето обраќање пред бројните новинарски екипи, Претседателот на Владата на РСМ Заев ја нагласи историската димензија на оваа посета.

„Денешниот ден е историска одредница. Кога од денешна перспектива ќе погледнете во минатото на односите на нашите две земји, гледате пропуштени прилики и залудно изгубено време. Кога ќе погледнете во иднината што се отвора пред нас, гледате отворени можности и заеднички интереси. Гледате два соседни, пријателски народи, кои ѝ покажаа на Европа и на светот дека со храбри одлуки и со желба за заедништво, тоа што до вчера изгледаше невозможно, денеска е реалност“, нагласи премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој додаде дека Преспанскиот договор е во полна сила, и дека неговото спроведување е историски чекор за нормализација на билатералните односи. Спогодба која овозможува двете земји да го искористат целосниот капацитет на своите политички и економски потенцијали. 

Претседателот на Владата на РСМ Заев истакна дека тој и премиерот Ципрас, во име на двете влади го потпишаа акциски план на сите активности што ги договорија министрите на билатералните средби, кои опфаќаат договори за унапредување на соработката во одбраната, и за заедничка соработка и асистенција на Грција во процесот на нашето зачленување во ЕУ, како и меморандуми во областа на транспортот, во економијата и во енергетиката, како и во дигитализацијата, за прекуграничната соработка, здравството и земјоделството. 

„Дозволете ми во оваа прилика да издвојам уште една заедничка иницијатива. Потпишавме договор за отворање нов граничен премин меѓу Промахои, од грчка страна, и Мајден на нашата страна, во близина на Кавадарци. Убедени сме дека овој нов граничен премин меѓу двете земји, заедно со граничниот премин кај Преспа “Маркова Нога – Агиос Германос”, ќе биде значаен придонес за уште поголемо зближување на нашите народи, за економската соработка и трговската размена меѓу двете земји, како и за локалниот економски развој и прекуграничната соработка“, информираше премиерот Заев и истакна дека во текот на попладнето тој и премиерот Ципрас ќе го отворат Бизнис форумот на кој ќе учествуваат повеќе 400 стопанственици од двете земји.

„Со овој форум, и сите спомнати придобивки од Договорот од Преспа, ние лидерите од двете земји, од политиката и стопанството, обновуваме еден историски простор во кој нашите две земји се природно упатени една на друга и во кој е сосема очекувано и неопходно да се создаде одлична можност за инвестициска, трговска и културна размена. Да ги охрабриме огромните можности за двата народа“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата со неговиот колега Ципрас, и додаде дека оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за нашиот модел за соработка и за решавање отворени прашања како придонес за еден нов Балкан. 

Претседателот на Владата на Грција Алексис Ципрас во своето обраќање пред новинарите посочи дека посетата на владината делегација на Грција е пресвртна и најавува дека двете земји се подготвени историјата на недоразбирања и конфликти да ја претворат во иднина на соработка и за заеднички раст и развој. 

Премиерот Ципрас на прес-конференцијата рече дека е изгубено многу време и дека сега доаѓа период кој ќе го надомести загубеното зашто успешниот развој на односите меѓу Република Северна Македонија и Грција ќе биде успех и за регионот и за Европа, и нагласи дека денешната заедничка седница на двете влади и на Високиот совет за соработка, како и билатералните средби меѓу министрите во двете влади, потврдуваат силни потенцијали во многу области, особено во економијата, енергетиката, туризмот, прекуграничната соработка, и патната и железничката инфраструктура.

Во завршницата на прес-конференцијата, двајцата премиери одговараа на прашањата на бројните новинари од Република Северна Македонија и Грција, како и од регионот.