Заеднички средби на АМС и Владата за подобрување на младинските политики во Македонија

Агенцијата за млади и спорт (АМС), со поддршка од Владата на Република Македонија денеска во Клубот на пратеници организираше консултација со младинските организации кои се занимаваат со младински политики.

Присутните на средбата, директорот на АМС, Дарко Каевски, претставниците од Владата на Република Македонија и претставници од младински организации и од политички подмладоци дискутираа за развојот и спроведувањето на политиките кои ги засегаат младите и младинското организирање и учество во Македонија.

На средбата, од претставниците на Владата на Република Македонија беше пренесен апел од премиерот Зоран Заев до младинските организации, да земат активно учество во креирањето на младинските политики во земјава, како и апел за иницирање интензивни соработки со младински организации од регионот и пошироко, што во голема мера ќе помогне во домашните и меѓународните политики на Република Македонија.

Претставниците на АМС и на Владата на Република Македонија ги информираа младинските организации за остварена серија консултативни средби со неколку ресорни министерства со цел сумирање на информациите за имплементација на младинските политики во земјава.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во своето обраќање до присутните истакна дека важно е да се иницираат вакви и пошироки дебати на кои ќе се дискутираат клучни прашања за имплементирањето на младинските политики во државава, како одржување на ветувањето дека сите политики за млади ќе бидат носени заеднички со младинските организации.

Во неговото обраќање, тој ја истакна клучната улога на младинските организации во повлекувањето од процедура на претходниот предлог-закон за млади кој бил штетен и создаван на нетранспарентен начин, како и тоа дека исто толку е важно сега, младинските организации повторно да се вклучат максимално во креирањето на нов и подобар закон кој повеќе ќе ги штити интересите на младите луѓе во Република Македонија.

Осврнувајќи се на плановите и визиите за имплементација на младинската гаранција и националната младинска картичка, Каевски информираше за соработката на АМС со ресорните министерства кои исто така се вклучени во процесот на развој и имплементација на политиките за млади.

Од претставниците на Владата беше презентирана информација од три ресорни министерства, Министерството за култура, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука кои се однесуваат на фазите на имплементација на младинските политики.

Од страна на присутните претставници од младинските оранизации, за време на дискусијата беа поздравени заложбите на Владата и Агенцијата за млади и спорт за инклузивноста во процесот, и дополнително ги искажаа своите сугестии и размислувања во насока на предложените процес за имплементирање на младинските политики.

Сугестиите на организациите најмногу се однесуваа во делот на подобро координирање помеѓу ресорните министерства и дополнително меѓу министерствата и АМС. Исто така беше предложено и попрецизно структурирање на приоритетните чекори, состојбата со младинските совети во градовите ширум Македонија, ревизија на начините на кои до сега биле финансирани организации од АМС и други сугестии дадени во насока да се подобри грижата на државата за својот клучен приоритет – младите да останат да живеат и работат во Македонија.

Фокусот на Владата кон младинските политики ќе се интензивира во периодот што следи, при што предвидени се дополнителни консултации со младинските организации, како и тематска седница на Владата посветена на младинските прашања, со цел забрзување на процесите кои треба да го подобрат животот на младите.