20/04/2024
Македонија

Заев: На Македонија и треба сериозна Антикорупциска комисија која ќе се бори со слабостите на системот

Изјава за медиуми и одговори на новинарски прашања,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 06.03.2018

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Ви благодарам на вниманието со коишто го следите овој процес. Секако, тој е дел од политичките процеси којшто се случуваат во Македонија, заради тоа што јас го квалификував уште од самиот почеток како политички монтиран процес. Драго ми е што денеска, веќе почна судското рочиште, имаше воведни зборови на Обвинителството, имаше воведни зборови на моите адвокати и ја искористив приликата и јас да дадам воведни зборови. И ќе повторам она што го кажав и во судницата ќе го повторам и овде.

За мене претставува ова одлична можност да се докаже правдата, преку овој процес заедно со бранителите ќе го разобличиме целото обвинение преку коишто ќе кажеме, и ќе докажеме која била конечната цел за да вака се конструира и подготви еден ваков процес, токму во времето кога Зоран Заев го води проектот Вистината за Македонија со политичките бомби. Како е целото тоа конструирано се со конечна цел, апсолутно на секој можен начин Заев да биде спречен заради тоа што постоеше сериозна решителност, а граѓаните тоа го знаат, на самиот крај за разобличување на корумпираното и криминално владеење на режимот во тоа време, но и на спрегите на поврзаност на Извршната власт со Јавното обвинителство.

Преку овој процес директно преку образлагање на сите детали, внатре, дел по дел ќе се отвори како пупка, и верувам дека на тој начин граѓаните на еден транспарентен начин преку доказната постапка, онака како што личи на правна држава ќе ја дознаат целата вистина поврзана со овој предмет, а секако јас ќе ја дочекам правдата за којашто се борам.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Повторно снимката е земена како доказ, ќе се жалите ли повторно или што понатаму?

Не, гледате дека навлеговме денеска во постапката, ќе дадат коментари и адвокатите јас верувам дека така е правно. Влеговме директно во воведните зборови тоа за мене значи секако изгубена можност за правото коешто ми ја дава, но од друга страна пак и добиена можност да се види таа снимка. Ние веројатно во постапката ќе побараме снимката јавно да се објави, право е на судот дали тоа ќе го каже, јас сакам граѓаните конечно да ја видат целата снимка и со оние два прекини, да може да биде комплетно тоа за кое што бев јавно шиканиран и буквално омаловажен насекаде и на секој можен начин, но тоа е возможно кога навистина преку судската постапка ќе се докаже правото и преку тоа што јавноста ќе може да ја види целата снимка. Така што, продолжуваме понатака во процесот ова останува дел од доказите и верувам дека може да биде добар дел во употребата на она што треба да значи тргање на обидите на власта да го извалка моето лице.

Медиуми: Денеска стигна вест од Грција дека бара во спорот со името, промена на Уставот, вашиот став беше поинаков, кој е вашиот став?

Тоа го бараат веќе неколку месеци. Јас верувам дека треба да се држиме до она што меѓународната пракса го познава, а тоа е меѓународни договори, ратификација во Парламентите, гласање во ООН, резолуција во ООН и тоа е најсериозната гаранција за Република Грција, заради тоа што било што да бараат дома да се смени, тоа е домашно право на организација на оваа наша земја. Јас сериозно ќе ги слушам сите аргументи во преговарачкиот процес, давам шанса на се, знаете дека за нас црвените линии се буквално светлина во мракот од којшто сакаме Македонија да излезе кон својот пат кон интеграциите во НАТО и ЕУ. Но, промената во било што во Македонија не значи трајна гаранција за граѓаните на Грција, затоа што се што ќе се смени може да се поврати назад. Многу е важно да го практикуваме тоа што целиот свет го знае, а тоа е меѓународно позната пракса на решавање на вакви спорови, и тогаш останува вековност, и тогаш останува вечност. Јас сум убеден дека преку ваквите пристапи, водејќи грижа колку е тоа важно за граѓаните на Грција, очекувајќи да водат грижа политичарите, колку е тоа важно за граѓаните на Македонија изнаоѓањето на вакво решение кое што би било трајно можеме да го најдеме и решението којшто го имаме со спорот со Грција.

Медиуми: Дали се точни пишувањата на Катамерини дека ќе постигнете согласност за три подглавја во спорот за името?

Не. Јас кажав каде сме поприлично заокружени или сме апсолвирани по прашањата, а тоа се иредентизмот и го знаете тоа со чекорите коишто ги презедовме од страна на нашата Влада, а тоа е јасно изразениот став на промена и практично спроведување на промена на името на најголемиот автопат во Република Македонија Александар Македонски во Пријателство и на Националниот Аеродром од Александар Македонски во Меѓународен Аеродром Скопје. Сите постапки правно и практично спроведени навистина придонесуваат кон отстранување на какви било иредентистички појави. Разговарано е, во иднина, после можен договор да се формираат две работни групи којшто ќе ги проверат учебниците на двете страни за да не оставаме некоја незгодна трага кај младите генерации којшто учат низ учебници, туку да негуваат пријателство, наместо непријателство или било каков иредентистички однос. 

Медиуми: Има ли вистина дека денеска Владата до Собранието ќе предложи намалување за патните трошоци за пратениците, многу поголемо од она што ти го предлагаат?

Има точки за разгледување и секаков вид на иницијативи и секако Владата за сите овие материјали расправа. Јас не можам да кажам која е точно таа точка, но сите иницијативи коишто се доставени до нас или ги отвора самата Влада од било кој ресор се вредни за разгледување. Ние бараме начини како поинаку да се реорганизира она што значи надомест на патни трошоци заради тоа што по сегашните закони тоа што се пресметува за секое патување, за граѓаните е многу и граѓаните се доста критични по тој дел. Секако, законот мора да биде соодветен на она што е прифатливо за граѓаните и соодветно на тоа што треба да покритие за пратениците. Ние можеме да купиме возила за сите пратеници, можеме да обезбедиме станови во Скопје за сите пратеници, можеме да ги намалиме патувањата преку реорганизација на Деловникот, да имаат недели за дебата, недели за гласање, недели да бидат со своите граѓани. За сето ова е отворена дебата, а конечна цел е да го слушнеме гласот на граѓаните кој што во овој случај е критички настроен. Бевме и ние критички настроени по ова прашање кога бевме опозиција и логично е по пат на дебата, согласно сите можности што ни стојат на располагање да најдеме решение согласно сугестиите што доаѓаат од граѓаните.

Медиуми: Кога ќе го објавите Советот за реформи на правосудството, којшто вие ќе треба да го предводите?

Денеска ги чекам последните консултации коишто беа за одредени прашања од луѓето кои ми значат како советници. По одредени сугестии за личности како учесници во Советот за имплементација на Стратегијата за правосудството. Ако биде се комплетирано, јас сум спремен и денеска тоа да го ставам на Влада под точката прашања и други предлози и да ја информирам Владата за одлуката што ја носам.

Медиуми: Има промени од она што го говоревте пред еден месец, во однос на личностите?

Има промени и тие се во согласност со тоа што внимателно ја слушам јавноста како дебатира по предлози и идеи коишто ги споделувам отворено со јавноста и добивам добар фидбек.

Медиуми: Можете да ги откриете?

Па дозволете да ја донесеме конечната одлука па ќе објавиме.

Медиуми: Во однос на новите црвени линии, Павлопулос излезе со ново барање, дека Македонија треба да се откаже од македонското малцинство надвор од Македонија…

Јас не разговарам за црвени линии. Претседателот Макрон има убава изрека, вели дека за некого црвените линии се ограничувања, за мене се отворање на хоризонти. Навистина, не треба да ставаме никакви црвени линии, ако искрено сакаме да изнајдеме решение. Секако, мора да водиме грижа едни за други во рамки на зачувување на достоинството на двата народа и двете земји и зачувување на она што значи чувство а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате и да се ценкате. Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со коишто преговараме, ќе изнајдеме решение, а истовремено само ќе потсетам, еве да се отвори Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, како што тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија.

Медиуми: Како ги коментирате оставките во Антикорупциската комисија?

Мене ми е драго тоа што не само што јас го внимателно го слушам народот, туку и други луѓе во Македонија внимателно го слушаат народот. Јас ги поздравувам исчекорите, заради тоа што не и е лесно на било која личност или поединец да поднесе оставка заради тоа што била прозвана од јавноста. Тоа секако го почитувам и секако дека ќе го имам предвид во иднина, како личности кои се одважиле. Ние можеме да ги ослободиме институциите ако бидеме транспарентни, отчетни и ако понесеме одговорност, па макар било тоа и етички. Јас сум убеден дека на Македонија и треба сериозна Антикорупциска комисија којашто ќе биде овде поставена со сите меѓународни пракси и ќе биде будното око на следење на извршната власт и се што има допир со народните пари. Ни треба таква институција којашто ќе биде за пример и ќе биде еден од најголемите коректори на слабостите во нашиот систем во севкупната определба за борба против корупцијата.