20/04/2024
Македонија

Заев: Наградата ја посветувам на сите премиери од регионот и на граѓаните!

Премиерот Заев е во Сараево на покана на Агенцијата за избор на нај менаџер во БИХ, Југоисточна и Средна Европа и на Европското здружение на менаџери за да му ја доделат, како што е најавено, највисоката награда, Златна плакета – европска личност на годината.

Непосредно пред почетокот на оваа традиционална манифестација, премиерот Заев даде изјава за медиумите во којашто изрази  благодарност за честа што ја добива трета година по ред, втора како премиер на Република Македонија, да му биде врачена највисоката награда, Златна плакета за европска личност на годината.

Премиерот Заев соопшти дека годинешната плакета за европска личност на годината, ја посветува на сите негови колеги од регионот, премиерите од Босна и Хецеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Косово, на премиерите од Бугарија и од Грција, како и на граѓаните на сите наши држави.

Причина за тоа, како што рече премиерот Заев е тоа што лидерите од регионот и граѓаните заедно покажаа лидерство за добра сегашност и добра иднина, а само преку тоа заедништво и соработка, стана возможно да се постават мостовите меѓу нас во регионот и мостовите меѓу нашиот регион и Европа.

Оваа 2018 година, Република Македонија доби датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ, очекуваме и покана за членство во НАТО, за неколку дена.  Оваа година се отворија перспективи и за регионот, рече премиерот Заев.

Воспоставивме регионална интензивна, искрена и пријателска регионална соработка и испративме порака дека решение за секој билатерален спор има, ако има политичка волја, рече претседателот на Владата, Заев.

ЕУ и НАТО освен политичка, се и економска стабилност и лидерите, граѓаните и државите од регионот треба да продолжат да работат заедно, рече во изјавата за медиуми во Сараево, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.