28/03/2024
Македонија

Заев: Петтиот пакет мерки е наменет за најпогодените, државата е тука да им помага на сите граѓани

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за најавениот петти пакет мерки и неговата содржина, како и временскиот термин од кога тој ќе важи, одговори дека наскоро следува процес на консултации со синдикатите, претставниците на другите социјални партнери, стопанските комори и сите чинители, за да бидат највнимателно таргетирани потребните мерки. Тој подвлече дека државата има проектирано средства за оваа намена и во Буџетот за 2021 година.

Премиерот Заев потсети дека досега со економски мерки се подржани најпогодените од економската криза предизвикана од пандемијата на корона-вирусот, а тоа се над 30 проценти компании заради поддршка на работните места и работниците преку плати, коишто се движат од 14.500 до 21.778 денари.

„Една милијарда и сто и педесет милиони евра се поделени пари по сите основи, кои досега ги развивме како пакети и продолжуваме понатаму. Им се помогна на категориите, активни баратели на работа, вработени со плата до 15.000 денари, младите, студентите кои добија ваучери, картички и слично.

Деновиве се дава помошта од 6.000 денари на трансакциските сметки на пензионерите со пензија до 15.000 денари, на пасивните баратели на работа, на самохраните родители. Се надеваме наскоро на вакцината и дека сето ова ќе заврши во првото тримесечје“, рече премиерот Заев и упати апел за навремено прифаќање на жалбите на самохраните родители и купување на домашни производи.

„Апелирам и до сите корисници на оваа помош, од пари, коишто се на сите нас граѓаните, да ги користат средствата за купување на домашни производи и услуги, заради тоа што со тоа на директен начин ја помагаат домашната економија“, рече премиерот Заев и заклучи дека државата преку Владата, Парламентот, Претседателот е тука за да им се најде на сите граѓани на кои им е потребна помош.