19/04/2024
Македонија

Заев: Постигнат е договор за проширување на владината коалиција, процесот ќе се заокружи пред органите на партиите

Одговори на новинарски прашања, Зоран Заев, претседател на СДСМ

Медиуми: Дали договоривте реконструкција со БaЕСА за Министерството за култура, или за кое било друго место конкретно, имиња, позиции, ќе може ли да кажете, и за ДПА, но и за Десковскa дали ќе оди во правда?

Јас ќе го соопштам тоа што досега е договорено и соодветно можно да биде соопштено од причина што веројатно органи и тела од политичките партии треба да одлучуваат. СДСМ, ДПА, БЕСА и другите политички партии, соопштувам дека имаме постигнато договор со БЕСА на Африм Гаши, односно крилото на БЕСА, предводено од пратеникот Африм Гаши, постигнавме политички договор со ДПА и постигнавме политички договор со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, којшто делуваше независно, но ги подржуваше политиките на власта. Продолжувам и понатаму да разговарам и со други субјекти, но процесот ќе го заокружиме после органите и телата на политичките партии каде што буквално не би спомнувал имиња заради тоа што чесно е да одлучуваат тие органи и тела коишто се надлежни за оваа работа. Штом тоа ќе биде готово ќе се соопшти, веројатно од самите партии коишто ги номинираат кандидатите. Јас разговарав за кандидатите , мене ми е пред се и над се најважно за какви личности се работи, кои се луѓето, на тоа посветувам сериозно внимание, а соодветно на тоа ќе ги објавиме и другите промени коишто се случуваат во одредени министерски и заменички места. Тоа е првата фаза на разговорите, секако, понатаму следуваат фази кадешто надлежна е Владата, во оваа прва фаза е надлежен Парламентот, мое очекување е утре – задутре, до крајот на неделата да ги формализирам предлозите до Собранието и секако како ќе одлучи Парламентот така да ги закаже на дневен ред, за да можам да одам и пред Собранието и да ги образложам за да барам поддршка од мнозинство пратеници за овие промени во владиниот состав. Следува период веројатно некаде при крајот на месец мај, кадешто со новиот владин состав ќе разговараме за подолните ешалони мислам на директорски и заменички места 

Медиуми: Како може да имате доверба во ДПА кога слушнавме во бомбите дека нејзиниот прв човек ќе биде верен до гроб на претходната власт и Мијалков?

Довербата е релативна работа, јас зборувам за имиња и презимиња којшто ќе учествуваат во владата, кога ќе бидат соопштени тоа е призмата низ која се обидуваме да разговараме, секако знаете дека и во актуелното парламентарно мнозинство, имаме исклучоци на случаи кога пратениците не гласаат согласно огромното мнозинство кое гласа за одредени решенија тоа е демократијата. Сепак, на крајот кога се преговара, се преговара за политичка програма, за главните цели на државата, за принципи, но се преговара и за личности, којшто се многу важни, Мендух Тачи нема да биде член на Владата на Република Македонија.

Медиуми: Може ли да ни кажете партијата на Бајрам кој ресори ќе ги добие, сигурно сте разговарале?

Министерски места нема да добие. Ќе добие одговорност во одредени други позиции.

Медиуми: А, зашто Али Ахмети или ДУИ на своето претседателство да одлучува кои места ќе се добиеле во реконструкцијата, вие сте премиер вие треба да одлучите, вака барем изјави Артан Груби?

Не знам точно, не сум ја следел изјавата, но еве ќе се обидам од тоа што го кажувате да кажам неколку ставови. Како мандатор, како Премиер, овластен по закон да предлага измени и дополнувања на Влада, реконструкции и рекомбинации, секако разговарам со политичките партнери, како што сум разговарал со Али Ахмети, сум разговарал и со другите политички партнери во власта. При ваквите разговори секој во своите редови онака како што предлага може да дискутира, на крајот конечниот предлог е на премиерот пред Собранието, затоа што јас би го прифатил пред таквите предлози или не. Така што за тоа и зборував на фракцијата на БЕСА предводена од господинот Африм Гаши, за ДПА и за другите политички партии, дека сепак ние разговараме за имињата, органите и телата на партиите одлучуваат, веројатно одлучуваат и таму во ДУИ во нивните органи и тела за одредени кадровски решенија, но на крајот се тоа кулминира, односно доаѓа до моментот каде што премиерот согласно закон е предлагачот пред Собранието за владиниот состав. Секако на ниво на влада, целата влада одлучува за пониските ешалони, мислејќи на директорските места и другите позиции во јавните институции.

Медиуми: Кои министри од СДСМ можеби ќе бидат сменети?

Не би сакал да соопштувам се уште, затоа што процесот на одлучување е се уште во тек. Јас го соопштувам тоа што е соодветно, знаете дека сум внимателен, не сакам да си играм со судбините на личности којшто им служат на граѓаните и на државата, затоа, веднаш штом ќе бидат познати имињата и за тоа кој заминува, а кој доаѓа, јас тоа веднаш ќе го споделам со јавноста.

Медиуми: Имате ли некоја комуникација со Ѓорге Иванов?

Да, имаме комуникација со претседателот Иванов, минатата недела пред да отиде на службен пат во Турција јас направив и средба со господинот Иванов, се обидуваме на изнајдеме решение за гувернер на НБРМ, претседателот на државата согласно Устав и закон е предлагачот на гувернерот, а парламентарното мнозинство, односно Парламентот во суштина е институцијата којашто именува, на предлог на претседателот. Така што овде имаме споделена надлежност, јас не сум пратеник, но на некој начин ги координирам мнозинството пратеници во Парламентот и таа е причината зошто разговаравме со претседателот Иванов. Се надевам дека ќе најдеме заедничко решение за уште еднаш да потврдиме сериозност во делот на имплементирање на власта, без разлика дали таа е парламентарна, претседателска, извршна власт, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас.

Медиуми: Како ги коментирате натписите на грчките медиуми дека има наводен договор кој треба да се имплементира за две години?

Јас би имал среќа дека навистина би имале договор, знаете дека сум еден од првите оптимисти кој се надева на договор за мојата земја, за иднината на граѓаните, но не можам да кажам дека имаме договор. Се надевам дека ќе имаме договор, успехот којшто министрите кои досега го постигнаа е за почит, јас се надевам дека токму на перифериите на Самитот на Европската унија со земјите на Западен Балкан на средбата што ќе ја имам со премиерот Ципрас ќе можеме барем да ги потврдиме досегашните успеси и ако не друго да проговориме за насоките за изнаоѓање на решение. Сакам уште еднаш граѓаните да знаат дека овој Самит не е дедлајн, туку пред се важни се Самитот на Советот на Европа на 28-ми и 29 кога се одлучува од страна на премиерите или претходниот Совет на Европската Унија каде на 26 и 27-ми имаат состанок, а после ЕУ Советот, тие се одлуките, зошто? Заради тоа што токму тогаш очекуваме први, правно –формални одлуки којшто се однесуваат за Македонија, а тоа е добивање на датум за преговори. Самитот на НАТО Алијансата се држи во јули, но тоа не е врзано правно –формално со одлуките за нашето членство во НАТО, заради тоа што со постигнување на договор со Грција, автоматски тргнува процесот кон пристап на НАТО. Тоа значи разговори пред се меѓу Владата и НАТО па потоа веднаш ратификација во Парламентите, така што отприлика, при крајот некаде на јули е конечниот датум којшто посакуваме да биде крај на решението. Секако не по било која цена, не е крај на светот ако решението се случи кон септември или октомври, ова го зборувам од разумен аспект поради очекувањата, јас се надевам и на Самитот да имаме некое решение во Софија, можеби почетокот на јуни или средината на јуни, тоа би било искрено очекување и посакување од наша страна, и како што реков вредно е тоа што досега го постигнавме, но не е безначајно или помалку болно она што во моментов го разговараме и се надеваме дека конечно ќе го заокружиме.

Медиуми: Имавте ли средба со Мицкоски?

Значи, јас се обидов веднаш да го контактирам шефот на опозицијата Христијан Мицкоски и заради нивниот повик, јас знаев дека претседателот е се уште во Турција, после слушнав соопштение дека се вратил, но министерот Димитров беше во Холандија и во најмала рака сакав веднаш да остварам средба. Веројатно поради зафатеност претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не можеше да ме исконтактира па искомунициравме доцна во ноќта за денес да направиме контакт и комуникација. Како ќе одлучат тие, јас сум спремен денеска да споделам се, со шефот на опозицијата, јас сум подготвен и после Самитот да споделам се со опозицијата. Јас очекувам заедно со опозицијата да го решиме ова прашање заради е тоа прашање од огромен национален интерес за сите граѓани на Република Македонија.

Медиуми: Можно ли е пред Самитот?

Можно е, ако тој побара јас ќе најдам време. Ќе откажам или ќе презакажам состаноци за да се видам со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.