28/03/2024
Македонија

Заев: Прашањето за Гоце Делчев треба да го решава Мешовитата комисија

„Прашањето за Гоце Делчев е за решавање во рамки на Комисијата, а не е на политиката. Сакаме ова прашање да го реши Комисијата, како што најде добри решенија за Свети Кирил и  Методиј, Свети Наум, Климент Охридски и цар Самоил, да го реши и ова во духот на таа заедничка историја,  заради заедничко славење. Верувам дека ќе го најдат решението и за Гоце Делчев, наше е да охрабриме“, посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во вечерашното интервју во рамки на емисијата „Само вистина“ и нагласи дека договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да обединува, да прави мостови на пријателство и ниедна страна да не се обидува да присвојува нешто.

Тој истакна дека е многу важен пријателскиот договор склучен со Бугарија и нагласи дека од неговиот бугарски колега, премиерот Бојко Борисов нема никаква закана ниту коментар кон Северна Македонија.

„Важно е дека во Договорот Бугарија зема обврска да не подржува во нашите европски и евроатлантски интеграции. И Бугарија, тоа го прави, не само фигуративно“, рече премиерот Заев нагласувајќи дека поддршката од бугарска страна за Северна Македонија, Албанија и Западниот Балкан е очигледна, враќајќи го фокусот на Европа на овој регион.

Тој посочи дека во телефонскиот разговор со Борисов станало збор за деталите за претстојниот самит на Берлинскиот процес во Софија, за совладувањето на здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 и унапредување на економската соработка.

„Мудрите и паметни политики на неизбрзување, ја направија Република Северна Македонија да биде успешна во исполнување на своите стратешки цели од коишто пак зависи и животот дома, економски и перспективен за сите граѓани“, оцени премиерот Заев во врска со прашањето дека Владата не реагираше на Меморандумот кој се појави во јавноста, дека Бугарија поставува услови за Северна Македонија од кои зависи преговарачкиот процес на земјата.

Премиерот Заев повтори дека е потребна внимателност и да се даде шанса за постигнување на решенија. Тој посочи, дека изминатите 30 години, не научија дека така не се решаваат проблемите, туку само се таложат.

„Затоа и времето покажа, со Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија дека политичарите кои носат храбри одлуки за својата земја, не значи дека губат избори, граѓаните знаат и да ги наградат“, оцени Заев кој подвлече дека земјата во изминатиот период и во неговиот прв мандат како премиер, нашата земја оствари членство во НАТО, одлука за почеток на преговорите со Европската Унија.

„Ете, порано беше незамисливо, но јас неодамна имав шанса, еве во Атина, да зборувам за економски напредок, соработка перспектива, што е најдобро за сите граѓани“, рече премиерот во интервју за Канал 5 телевизија.