20/04/2024
Македонија

Загадувањето во Македонија ќе се решава со Европска стратегија за ниска јаглеродна мобилност

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули денеска, се обрати на форумот на тема „Македонска транспортна револуција“ што се одржа во МАНУ, во организација на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при Македонската академија на науките и уметностите.

Иако според постоечките истражувања, кога станува збор за транспортот, почнуваме од прилично лоша стартна позиција, соодветно модифицирање на политиките и легислативата ќе овозможи транзиција кон ниско-јаглероден транспорт.

„За жал имаме стар возен парк, голем број на половни возила, мал процент на електрични и хибридни возила, а големо загадување предизвикуваат и градежните машини и постарите возила на приватни превозници од такси и автобускиот сообраќај“ – истакна Макрадули во своето воведно обраќање.

Овој форум доаѓа во вистински момент, бидејќи Владата е во процес на менување на законодавството во оваа област и ревидирање на даночната политика.

Дополнително, големиот придонес на транспортот во загадувањето на воздухот, дава дополнителен притисок врз носителите на одлуки да усвојат политики и мерки специфични за државата кои се базирани на национално истражување, а не само да копираат други држави.

Науката и политиката секогаш одат рака под рака. Добрите политики секогаш се засноваат на добра научно истражувачка основа, а нашата научната заедница ги поседува релевантните знаења и истражувања во оваа област.

Намалувањето на емисиите од секторот транспорт претставува предизвик дури и за ЕУ. Одговор на предизвикот се гледа во Европската стратегија за ниска јаглеродна мобилност усвоена во јули 2016 година, преку неповратно префрлање кон мобилност со ниски емисии. Како земја – кандидат за ЕУ, нашите цели треба да се што поблиски со нивните.

Голем број од темите кои беа предмет на дискусија на денешниот форум, се обработени во рамките на Вториот двогодишен национален извештај за климатски промени, подготвен со техничка и финансиска поддршка на УНДП и ГЕФ, кој е во процедура на усвојување од Владата на РМ.

На крај, Макрадули потенцираше дека проблем со загадувањето кај нас може да се реши само со строги, а не популистички мерки и преку интегриран пристап кој подразбира масовна акција во сите сектори.

Свое воведно обраќање на форумот имаа и Нарине Сахакјан, Заменик постојан Преставник на УНДП и акад. Глигор Каневче од МАНУ.