25/04/2024
Македонија

Зајакнати инспекциските контроли на увозот и трговијата со јајца

„Засилени се инспекциските контроли кои се однесуваат на безбедноста и квалитетот на јајцата пред Велигденските празници. Покрај контролите на магацините, зајакнати контроли се спроведуваат и на граничните премини, при увоз, со цел на граѓаните да им се понуди безбеден и квалитетен производ. Секоја недоследност во поглед на овој прехранбен производ граѓаните и компаниите можат да го пријават на Агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на што ќе биде спроведена и инспекциска контрола”, соопшти првиот човек на АХВ Зоран Атанасов на состанокот кој го одржа со претставници од Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Македонија и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Никола Бабовски.

„Агенцијата за храна и ветеринарство ја подготви тригодишната Стратегија за благосостојба на животните во која еден од приоритетите е и живинарството. Согласно европските регулативи, на 1 октомври идната година, производителите на јајца треба да го имаат имплементирано новиот, збогатен систем за одгледување несилки согласно европските правила за благосостојба на живината, кои се содржани и во нашиот закон. Фармите ќе треба да направат адптација на постоечките или да набават нови кафези за несилки, зошто оние кои сега се употребуваат, не ги задоволуваат новите критериуми, кои бараат помала населеност на живината“ – објасни директорот Атанасов.

Еднаш на барање на производителите на јајца, воведувањето на новиот систем, додаде тој, беше одложено, но, заклучно со септември 2019 година, промените на фармите ќе мора да се направат.

Никола Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ги охрабри одгледувачите на живина членки на Групацијата да аплицираат за кофинансирање на проектите со пари од ИПАРД програмата и да го усогласат и осовременат производството согласно новите барања. Тој објасни дека оваа категорија производители може да аплицира за првата и третата мерка од оваа програма, за што годинава, во мај и во почетокот на есента ќе бидат објавени уште два повика.

„ИПАРД не е условува при аплицирање да ги имате исполнето европските стандарди, туку тие треба да се исполнат со финансиска поддршка на овој инструмент. Затоа од ваша страна, стандардите треба да бидат имплементирани со заокружување на проектот, што е услов за кофинансирање на инвестицијата – објасни тој и додаде дека покрај ИПАРД, одгледувачите на живина можат да ги користат и националните програми за поддршка за да го осовременат производството.

Институциите се партнер на производителите и затоа информациите со кои располагаат компаниите, а кои се однесуваат на безбедноста и квалитетот на производите мора да се споделуваат со нив“, истакна Абдулезел Догани од компанијата Везе Шар, претседател на Групацијата за живинарство при Комората. Во име на Групацијата тој побара при инспекциските контроли при увоз да се обрне внимание и да тоа дали јајцата кои се увезуваат во земјава го имаат кодот на државата од каде потекнуваат, за да се спречи можноста од манипулации, на домашниот пазар како македонски да се пласираат јајца од увоз.

„Имплементацијата на новиот, збогатен систем за одгледување на несилки е неминовен, а тој налага или да ја намалиме популацијата на несилки, или да набавиме нови кафези во фармите. Ова повлекува нови, поголеми инвестиции што реално ќе се одразат и на зголемување на цената на овој прехранбен производ“ – рече Догани.

Европската регулатива, додаде тој треба да ја имплементираме. Таа не е нова и по одложувањето на нејзината примена во 2012, идната година е рокот кога неминовно мора да се направат промени на фармите за производителите на јајца да го усогласат работењето со европските барања за благосостојба на несилките.