24/04/2024
Македонија

Закани и притисоци врз Претседателот, извршниот директор и врз Сојузот на стопански комори

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, извршниот директор како и Сојузот како институција по последните два месеци се изложени на агресивни закани и притисоци, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и побара одлучна и брза реакција од институциите околу расветлување на овие настани.

„Се чувствувам одговорен пред себе, пред нашите семејства, пред семејствата на нашите вработени кои за жал имаат прилично агресивен притисок од одредени настани кои се случија. Втор месец јас лично добивам индиректни закани и притисоци кои на ниту еден начин не се испровоцира ниту пак е даден повод и причина. Изминативе денови кон извршната директорка на многу експлицитен начин се извршија одредени акти кои навлегуваат во сферата на потешки криминални дејства или потешки дела против безбедноста. Станува збор за телефонски закани, закани упатени преку писма и изминатата ноќ е запалено и возилото на нашата извршна директорка што е во директна корелација со претходно писмо каде што на експлицитен начин и се дадени рокови и ултиматуми како треба да се однесува како треба да постапи“, изјави Ангелоски.

Тој упати апел до институциите за заштита.

„Апелираме институциите да не заштитат нас како личности и да го заштитат интегритетот на институцијата која делува во сфера која во ниту еден случај нема допир со вакви појави,  преставува стопанска комора и здружение на граѓани кое делуваат за економските случувања во нашата земја. Сакаме на некој начин да ја извршиме нашата граѓанска обврска да побараме од институциите Македонија да ја направат посигурно место и ваквите работи да не ни се случуваат. Сакам оваа прилика да ја искористам и да поставам неколку експлицитни прашања: Дали Македонија претставува место каде што некој треба да се грижи за својата безбедност и дали функцијата претседател на Сојузот на стопански комори и директор на Сојузот претставува функција со висок ризик по безбедноста. Бараме брза и одлучна реакција од институциите за овие непријатни случувања“, истакна Ангелоски.

Во одговор на новинарско прашање околу тоа од кого доаѓаат заканите тој одговори дека не станува збор за државна институција и дека иако има претпоставки не може да се преземе работата на институциите.

„Заклучно со настанот вчера ова е трета пријава поднесена до МВР. Од писмото што го добив од директорката јасно се иницира дека станува збор за работи поврзани со ССК. Можеби се структури кои се внатре, можеби се структури кои не се веќе внатре, не можам да шпекулирам оставам на институциите да си ја завршат својата работа. И од мене се бараше да поднесам оставки од претседателската функција од здравствени причини, а доколку не го сторам тоа има закани од ваков или онаков тип“, изјави Ангелоски.


WebOhrid / 25.02.2022 / Сојуз на стопански комори