29/03/2024
Македонија

Заменик-министерот Максути се сретна со претставници на Американското катче од Тетово

Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути денеска се сретна со претставници на Американското катче од Тетово, предводени од координаторот Гезим Сулејмани.

На средбата претставниците на Американското катче од Тетово се запознаа со главните задачи на Секторот за политика и планирање во Министерството, а презентација одржаа и претставниците од НАТО Канцеларијата за врски во Скопје. Гостите од Тетово подоцна ќе го посетат и Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

На средбата во Министерството, заменик-министерот се фокусираше на главните стратешки цели на Министерството – членството во НАТО – алијансата, како и реформските процеси во МО и во Армијата. „Реформите во Министерството за одбрана се позитивни за сите припадници на Армијата. Со големи напори успеавме оваа година да го зголемиме буџетот за одбраната и да ги зголемиме платите на целиот армиски состав за 10 проценти. Нашата основна цел е мотивирана, мобилна и високо обучена и опремена Армија. Ние сме целосно операбилни со НАТО – Алијансата, и тоа го докажавме преку нашето долгогодишно учество во мисиите на НАТО, ИСАФ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан“, рече Максути.

Заменик-министерот истакна дека членството во Алијансата е нашата стратешка определба и дека Министерството и Владата напорно работат за нејзино достигнување.

Претставниците од Американското катче се заблагодарија за можноста да се запознаат со работата на Министерството, а особено за можноста да го посетат и Центарот за обука на пилоти кој е уникатен капацитет за обука на пилоти за потребите на Армијата и на другите државни институции.

За промоција на евроатлантските вредности во државата, Максути на претставниците на Американското катче од Тетово им додели Благодарница.