20/04/2024
Македонија

Заменикот министер Азири на одбележување на „Неделата на грижа на стари лица“

Заменик министерот за труд и социјоална политика проф. д-р Елми Азири учествуваше на прес конференцијата по повод Неделата за грижа за стари лица „Сите сме нивни деца“ во организација на Црвениот крст на Република Македонија.

Со оглед на постојаниот раст на процентот на старо население, тренд од којшто не е одмината ниту Република Македонија, целта на одбележувањето на оваа Неделата за грижа на стари лица е да се покрене јавната свест за потребата од интеграција на старите лица, но и за обезбедување грижа и помош за нив.

Имено, според прогнозите на Обединетите нации до 2050 година во Македонија стари ќе бидат 33 проценти од населението. Во 2008 година, според статистички податоци, стари биле 16,6 проценти од населението, а на пописот во 2002 околу 15 проценти.

„Од овие податоци произлегува дека потребите за старите лица за социјална и здравствена заштита постојано растат, а како резултат на тоа се наметнува потребата од застапување и развивање форми за вонинституциионална заштита, што ќе овозможуваат услуги блиски до корисниците за кои се наменети”, рече генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити.

Заменик министерот за труд и социјална политика, проф. д-р Елми Азири, смета дека последиците од стареењето како процес можат да се почувствуваат во сите сфери на општествениот живот и затоа сите земји, вклучувајќи ја и Македонија, преземаат мерки и политики за надминување на последиците, но и овозможување на соодветна грижа и заштита на старите лица.

„Во таа насока, се работи, на изградба на домови за згрижување, така што во Македонија постојат пет јавни и 25 приватни установи, но се развива и воинституционалната заштита преку отворање на дневни центри, комбинирани дневни центри и центри за давање помош на стари лица. Исто така, Министерството за труд и социјална политика ќе ги поддржи и невладините организации и локалните заедници кои се подготвени да ја развиваат воинституционалната заштита и да развиваат локални сервиси за помош и поддршка. Меѓудругото, ќе се преземаат и мерки за социјална вклученост на старите лица, општествена интеграција и поттикнување меѓугенерациска солидарност”, потенцираше заменикот министер за труд и социјална политика проф. д-р Елми Азири.

Во однос на стареењето на населението заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски е согласен дека политиките на државата треба да се ревидираат за да можат да одговорат на потребите на овој тренд и дека Министерството за здравство постојано презема мерки за унапредување на грижата за стари лица.

Одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица е поддржана преку австрискиот Црвен крст и австриската агенција за развој во рамки на регионален проект.