19/04/2024
Македонија

Запленета облека, електронски цигари, мобилни телефони, сребро, рачен часовник Rolex

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани облека, електронски цигари, мобилни телефони, рачен часовник, сребро, моторно масло, автоделови, регистарски таблички, стоматолошки инструменти и материјали, цигари и домашна ракија.

Задржана е следната стока:

Облека, електронски цигари и мобилни телефони

– 710 парчиња облека, 1.200 електронски цигари и 2 мобилни телефони, откриени во три одвоени случаи, при контрола на три возила пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.

Во првиот случај, при контрола на белгиски автобус кој сообраќал на редовна линија од Белгија кон Македонија, управуван од македонски државјанин, во 6 големи торби сместени во багажникот на возилото биле пронајдени 576 парчиња облека (јакни, палта, мантили, фустани, кошули, блузи, панталони и друго), за кои како сопственик се пријавил возачот.

Во вториот случај, при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, во просторот за резервна гума, во багажникот на возилото, биле пронајдени 166 парчиња женска облека (маици, ноќници, чорапи и долна облека), 1.200 парчиња електронски цигари HEETS и 2 мобилни телефони SAMSUNG GALAXY.

Во третиот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, на креветот во кабината, биле пронајдени 3 кеси со 134 парчиња облека (фустани, џемпери, блузи, маици, хеланки и панталони).

Во сите три случаи, непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поведени соодветни постапки.

– 200 парчиња облека, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автобус и едно патничко возило, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Во првиот случај, при контрола на турски автобус, во две патнички торби и неколку кеси, биле пронајдени 145 парчиња женска облека (фустани и панталони), сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот.

Во вториот случај, при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, во неколлку патнички торби сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 55 парчиња машка и женска облека (блузи, дуксери, џемпери, фустани и панталони).

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против сопствениците ќе бидат поведени соодветни постапки.

Рачен часовник и сребро

– 9 килограми сребро и 1 рачен часовник марка ROLEX, откриени во два одвоени случаи на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Во првиот случај, при контрола на патната торба на македонски државјанин кој пристигнал со лет од Истанбул, извршена од страна на царински инспектори од Одделението за истраги, биле пронајдени 9 килограми сребро во гранули, сместени во платнена торбичка. Непријавеното сребро е привремено задржано а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Во вториот случај, при контрола на багажот на германски државјанин со потекло од Република Македонија, кој допатувал со лет од Белград, бил пронајден 1 рачен часовник марка ROLEX. Непријавениот часовник е привремено задржан а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Цигари, ракија, тутун и друго

– 5 килограми тутун за наргиле, 4 килограми арома за наргиле, 2500 грама маџун, 1.050 бројаници, 365 верски предмети (приврзоци и книжни магнети со молитва), 175 магнети и 150 приврзоци за во автомобил, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал на Меѓународниот Аеродром Скопје со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 46 штеки цигари и 62 литри домашна ракија, откриени во два одвоени случаи на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на двајца патници кои имале намера да отпатуваат со лет за Малме.

Во првиот случај, во три патни торби сопственост на македонска државјанка, биле пронајдени 13 штеки цигари со македонски акцизни маркички и 62 литри домашна ракија.

Во вториот случај, при контрола на патна торба на шведска државјанка со потекло од Косово, биле пронајдени 33 штеки цигари со македонски акцизни маркички.

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Моторно масло, автоделови и регистарски таблички

– 90 литри моторно масло (9 туби по 10 литри), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавеното масло, пронајдено во багажникот и позади совозачкото седиште на возилото, е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 6 парчиња автоделови и 2 комплети регистарски таблички и сообраќајни дозволи, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Ново Село.

Во првиот случај, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, во багажникот на возилото биле пронајдени 6 парчиња делови за патничко моторно возило (филтер за воздух, издувна гранка, соларни светилки и халогени светилки). Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка

Во вториот случај, при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата, под совозачкото седиште биле пронајдени 2 пара бугарски регистарски таблички и два комплети сообраќајни дозволи. На прашање на царинските службеници каде се наоѓаат возилата, возачот објаснил дека се продадени на лице од Република Македонија и не знае дали се оцаринети. Поради тоа што возилата се пуштени во слободен промет без претходно да бидат ставени во пропишана царинска процедура и без да бидат платени увозни давачки, против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стоматолошки инструменти и материјали

– 2.195 парчиња стоматолошки инструменти и материјали (игли, бургии и колчиња за заби), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Деве Баир се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, пронајдени во најлонски кеси и картонска кутија сместени на задното седиште и во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против сопатникот во возилото, кој се пријавил како сопственик на производите, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.