24/04/2024
Македонија

Запленети девизи, цигари и облека

Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, девизи и облека.

Задржана е следната стока:

Цигари

– 9.600 парчиња (48 штеки) цигари марка WINSTON, MARLBORO, CAMEL, LEADER BLUE, LEADER RED, GR, LM BLUE, LM WHITE и PRINCE без акцизни маркички, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари се пронајдени во ќесиња сместени во внатрешноста на багажот и истите се привремено одземени, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 9.120 парчиња (48 штеки) цигари марка BOSS со македонски акцизни маркички, откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола со статичен рендген на багажот на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Малме. Непријавените цигари се привремено одземени, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 1.400 парчиња (7 штеки) цигари марка OME, LM и KARELIA, откриени при контрола на патничко комбе со македонски регистарски ознаки, пријавено за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените цигари се пронајдени во едно ќесе со ознака на грчкиот фришоп, а како нивни сопственик се пријавил патник со грчко државјанство. Истите се привремено одземени, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Девизи:

– 6.700 евра, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, кој бил придружуван од друг македонски државјанин, пријавени за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. При личниот преглед на сопатникот, во предниот лев џеб од тренерките во кои тој бил облечен, биле пронајдени 8.700 евра, од кои согласно законските прописи на сопатникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Против сопатникот е отпочната соодветна постапка.

Облека

– 722 парчиња разна облека, откриени во три одвоени случаи при контроли на патнички моторни возила, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин со бугарски пасош, кој бил придружуван од македонска државјанка, во две патни торби и неколку ќесиња сместени на подот пред задните седишта и на задните седишта, во неколку ќесиња сместени пред предното совозачко седиште и во две торби и неколку ќесиња сместени во багажниот простор на возилото, биле пронајдени 329 парчиња облека (панталони, јакни, бермуди, машки комплети, блузи, шорцеви, маици, џемпери и фустани). Непријавената облека е привремено одземена, а против сопатничката е поведена прекршочна постапка.

Во вториот случај, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, кој бил придружуван од македонска државјанка, во две патни торби сместени во багажниот простор и на задните седишта на возилото, биле пронајдени 322 парчиња облека (долна облека, блузи, костими за капење, маици и панталони). Непријавената облека е привремено одземена, а против сопатничката е поведена прекршочна постапка.

Во третиот случај, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, во две патни торби и неколку ќесиња сместени во багажниот простор на возилото, биле пронајдени 71 парчиња облека (комплети тренерки, само горен или долен дел од тренерки, спортски маици, хеланки и блузи). Непријавената облека е привремено одземена, а против возачот е поведена прекршочна постапка. За 60 парчиња од привремено одземената облека, со обележја на 3 различни познати трговски марки, согласно законските прописи е поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

– 608 парчиња разна облека (фустани, панталони, долна облека, хеланки, чорапи, кошули и маици), откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавената облека е пронајдена под предните и задните седишта, под патосниците кај предните и задните седишта, зад задните седишта преградена со шперплоча и покриена со теписон и во багажниот простор на возилото. Истата е привремено одземена, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 74 парчиња разна спортска облека (тренерки, дресови, шорцеви, маици и шушкавци), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со швајцарски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената спортска облека е пронајдена во патничка торба и хартиено ќесе сместени во багажниот простор на возилото и истата е привремено одземена, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.