Започна фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Со прикажување етнолошки филмови од Музејот на Македонија и Македонското етнолошко друштво, во Вевчани започна осмиот Фестивал на народна култура „Пображење“ . ..

Во рамките на фестивалот чија цел е афирмација на македонската духовна култура и традиција, запознавање со културата и традицијата на други земји низ светот и збогатување на туристичката понуда на Вевчани, ќе настапат над 500 уметници членови на фолклорни ансамбли од Македонија, Полска, Естонија, Чешка, Словачка, Литванија, Босна и Херцеговина и професионална фолклорна група од Куба. Воедно ликовните уметници Славица Секулоски, која живее и твори во Холандија и Марјан Стојаноски од Струга ќе сликаат на тема „Народната култура во Вевчани инспирација за ликовните уметници“.

Традиционално, фестивалот завршува на празникот „Преображение Христово“ на 19 август со етно звуците на ансамблот „Климе Садило“ од Охрид и вокално-инструментална изведба на оркестарот и пејачката група при КУД „Иван Горан – Ковачиќ“ од Сисак, Хрватска.

Фестивалот на народна култура „Пображење“ се одвива под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и Општина Вевчани.