Започна јубилејното „На зајдисонце“ во Трпејца

Со видео приказот „Ние на зајдисонце“ и настапот на популарниот дует „Силви Бенд“ синоќа во Трпејца започна десеттото – јубилејно Културно забавно лето „На зајдисонце“.

Во името на покровителот на манифестацијата летото за отворено го прогласи заменик – градоначалникот на Општина Охрид Ристе Николески.

-Групата ентузијасти која е најзаслужна за успешната реализација на „На зајдисонце во Трпејца“ пред десет години ја промовира идејата да на гостите, посетителите и мештаните на Трпејца им понуди културно забавни содржини, покрај прекрасниот амбиент и бистрите езерски води. Таа идеја веднаш наиде на поддршка во Локалната самоуправа, но и жителите на Трпејца ја препознаа и ја поддржаа замислата. Бројот на уметници, спортисти и културни дејци од година во година е се поголем, а следствено на тоа се зголемува и бројот на публиката.

Деновиве во Трпејца ќе има една хармонична поврзаност, еден спој, кој ќе внесе нов дух на ова прекрасно место. Секоја година, во деновите кога се одржува „На зајдисонце“ постои поинаква енергија, различна од сите претходни години, која го обзема ова место. Она што радува е дека не се само убавините кои природата без штедење ги распростанила низ Трпејца, туку и културно – забавната манифестација е таа која повторно ги враќа гостите кои еднаш ја посетиле, но овој пат не сами, туку со сите оние кои поверувале во нивните кажувања и во убавите приказни, рече Николески.

Милчо Јованоски, член на Здружението „За Трпејца со љубов“ организатор на летото се заблагодари на годините на поддршка и посветеност на сите оние кои придонесле „Зајдисонцето“ да стане препознатлив настан вистински организиран од и со љубов, посака убаво време и многу публика и во следните денови и години.

Вечерва од 20.30 часот, трпејчани и гостите ги очекува средбата со Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид,меѓу другото посетителите ќе видат и инсерт од познатиот документарец „Танцот со пастрмките“. Меѓународнииот нуркачки инструктор Милутин Секулоски ќе ги открива тајните на подводниот свет на милениумски старото Охридско Езеро.

  Утревечер следува видео презентацијата од книгата „Рибарски алманах“од проф. д- р Теон Џинго, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе и презентерот Славчо Новески. Трпејчани на фотографии ќе ги видат своите претци – рибари на фотографии зачувани во Архивот во Охрид.

На овој настан ќе му претходи и атрактивната „Вечерна променада“ со кајче по езерото. Свој настап ќе имаат младите репродуктивни уметници Христијана Матесека – хармоника и Марија Џуклеска – виолина.

Во петок во Трпејца ќе гостува Градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ од Охрид под раководство на диригентот Бурим Хидри.

Манифестацијата по втор пат е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Скопје како и од други бројни спонзори и помагатели.

This slideshow requires JavaScript.