18/04/2024
Македонија

Започна проектот за подобрување на управувањето со цврст отпад во Полошкиот регион

Денеска во општинската зграда на Тетово се одржа првиот состанок за промовција на почетокот на имплементација на проектот за подобрување на управувањето со цврст отпад во Полошкиот регион. На настанот присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, амбасадорот на Швајцарија Сибил Сутера Техада, градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи и раководителот на Центарот за развој на Полошки плански регион, Фатмир Саити.

Во своето обраќање министерот Дураки рече:

– Денес сме тука да го одбележиме почетокот на проектот за подобрување на управувањето со цврстиот отпад во Полошкиот регион, кој што има исклучителна важност, и тоа не само за општините во Полошкиот регион, туку и за целата земја.Полошкиот Плански Регион ќе се приклучи во решавањето на проблемот со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на општинските и останатите “диви” депонии, кои треба итно да се затворат, или технички да се надградат до стандардите утврдени со закон. Овој проект ќе воспостави соодветен систем за собирање, третман и преработка на комуналниот отпад, систем кој е усогласен со европското законодавство. Ова секако бара практични и финансиски изводливи решенија на приоритетните проблеми, за што посебно сме благодарни на Владата на Швајцарија која несебично го поддржува овој процес. На крај, сакам да посакам многу успех при реализацијата на овој проект, истотака се надевам да, меѓу другото, ќе придонесе и за подигнување на административниот капацитет на Полошкиот Регион, и не само во делот на управувањето со отпадот туку и воопшто во заштитата на животната средина како целина.