18/04/2024
Охрид

Започна реализацијата на проектот „Коприва – Мала гастрономска школа”

Организација за Рурален туризам Екологија и Традиција – О.Р.Т.Е.Т од село Куратица, започна со реализација на проектот “Коприва – Мала гастрономска школа”. Главен настан во рамки на проектните активности ќе биде дводневната манифестација на подготовка и понуда на храна и пијалоци подготвени на база на употреба на копривата. Манифестацијата ќе се одржи во сабота и недела (2 – 3 Јуни), 2018 година во Куратица во организација на здружението ОРТЕТ.

Проектот е финансиски поддржан од SWG, The Regional Rural Development Standing Working Group in the South-Eastern Europe, како и од Општина Охрид а партнер во проектот е граѓанската организација за христијанска помош (CHW) од Поградец Република Албанија.

Целта на проектот е преку манифестација на Малата гастрономска школа од руралната традиционална кујна да придонесе за промоција на традиционалните кулинарски вештини преку подготовка и промоција на рецепти од или со коприва со што едновремено ќе се промовира и локалната подстратегија за рурален развој и локалната стратегија за развој.

Во процесот на постојана и континуирана потреба од развој и промоција на туристичката понуда во Општина Охрид како туристичка дестинација, давателите на услуги во алтернативниот туризам, (пред се во сегментот на селскиот туризам) мора да осмислуваат нови и креативни програми и манифестации за збогатување на постоечката понуда и промоција на истата.

Гастрономскиот сегмент е можеби најважниот дел од понудата во руралниот туризам кој на селските домаќинства им овозможува дополнителни приходи и подобра материјална и социјална состојба. Голем дел од странските гости кои престојуваат во Охрид ја користат можноста да ги посетат околните рурални населби и да уживаат во кулинарските вештини на локалните жители.

Следната посебност на која се темели гастрономската понуда во руралниот туризам е употребата на органските и природни прехрамбени состојки во подготовката на локалната храна. Копривата претставува една од најздравите и највеличествени природни билки кои нашите предци ги користеле за приготвување на најразлични напитоци и прехрамбени рецепти.