16/04/2024
Охрид

Започна славењето на Курбан Бајрам во Охрид

Граѓаните од муслиманска вероисповед, денеска по посетата  на џамииите на  бајрамската молитва  и гробиштата на починатите, традиционално го организираа обичајот на принесување на  курбанот – жртвата, со што започна славењето на големиот празник Курбан Бајрам. На традиционалниот верски обичај присуствуваше и градоначалникот Јован Стојаноски кој упати празнични честитки по повод големиот празник на граѓаните од муслиманска вероисповед.

До граѓаните од муслиманска вероисповед упатувам искрени честитки по повод верскиоит празник Курбан Бајрам, со желби празникот да го минете во радосна атмосфера во кругот со најблиските и пријателите. Празникот нека Ви  донесе среќа и бериќет во семејства и да продолжите со традицијата на овој ден да им помагате на Вашите сограѓани кои се во ризични социјални ситуации, за да можат и тие да ја збогатат празничната трпеза. Тоа е знак на солидарност, хуманост и радост, вредности кои се темел на градење на соживот со другите етнички заедници и просперитет на Охрид и Република Македонија.“ – рече градоначалникот Стојаноски.

По повод празникот, на денешниот обичај како курбан беа принесени петнаесет глави крупен и ситен добиток, од кој беа приготвени пакети со месо со тежина од 5 до 8 килограми, кои ќе бидат поделени на 300 сиромашни семејства. Во името на организаторите, Фаик Бајрам изрази  благодарност до градоначалникот Јован Стојаноски и Локалната самоуправа за поддршката на овој настан, со уверување дека и во иднина ќе се почитува долгата традиција на взаемно почитување и изградба на заедничка подобра иднина за сите граѓани.