28/03/2024
Охрид

Започнаа подготвителни активности за поставување на Модуларната болница

Општина Охрид ги започна градежните активности за подготовка на просторот во болничкиот комплекс каде што ќе биде поставена Модуларната болница за третман и лекување на пациентите со КОВИД 19.

Согласно задолженијата на кризниот штаб на Општина Охрид, општинските надлежни служби во најбрз можен рок спроведоа тендерска постапка и беше избрана фирмата “МН-АС Констракшн” од Струга, за реализирање на градежните активности.

На просторот каде што ќе бидат поставени монтажните објекти ќе биде извршен земјен ископ, тампонирање и бетонирање на подлогата. Исто така, ќе биде извршено поставување на водоводна и канализациона мрежа и ќе се спроведат приклучоци за електрично напојување.

Во текот на денешниот ден екипите на општинските јавни претпријатија спроведоа активности за чистење и подготовка на просторот.

Модуларната болница ќе има капацитет од 40 легла и ќе биде опремена со целокупна медицинска опрема. Дополнителните објекти значително ќе го зголемат капацитетот на Инфективното одделение во општата болница и ќе го олеснат справувањето со здравствената криза во Охридскиот регион.