24/04/2024
Охрид

Започнува превентивна програма за рано откривање на колоректален карцином

Со почетокот на оваа година започнува превентивна програма на Министерството за здравство за рано откривање на малигни заболувања, односно рано откривање на колоректален карцином или рак на дебело црево кое заболување е трето од малигните заболувања и во светски рамки и овде кај нас во Македонија. Координацијата на програмата се врши преку Центрите за јавно здравје.

Повеќе детали за оваа програма и информации кои се корист на пациентите и оние кои ја спроведуваат програмата беа изнесени на денешната прес средба во Центарот за јавно здравје Охрид.

„Кампањата, односно скрининг програмата ќе се спроведува од денес и ќе ја спроведуваат повеќе субјекти, вклучени се Центрите за јавно здравје во Р.Македонија како координатори на овој скрининг и матичните лекари кои што имаат соодветни упатства и препораки за спроведување на оваа програма и секако пациентите кои што ќе бидат определени од страна на матичните лекари за да ги вршат овие тестирања. Се работи за ФОБ тестови што откриваат, детектираат присуство на хемоглобин во фецес (измет/столица) и тие тестови ќе бидат работени овде, во микробиолошката лабораторија на Центарот за јавно здравје Охрид и подрачните единици во Струга и Дебар. Тестовите, тубите, епруветите каде што се става материјалот од три последователни фецеси, се наоѓаат веќе кај матичните лекари во амбулантите и апелираме до оние пациенти кои што имаат индикации, односно кои во консултација со матичниот лекар ќе ги прават овие тестови, да се обратат до матичните лекари, да се консултираат со нив, а овде ќе бидеме на располагање во Центарот за јавно здравје во Охрид, во амбулантите на социјална медицина секој ден од 08:00 до 13:00 часот да дојдат со земениот материјал, најпрвин да се евидентираат во амбулантата, па понатака да дојдат во приемното одделение на микробиологија да ги остават примероците. Резултатите ќе бидат готови за половина час, а ќе бидат издадени од 13:30 до 14:30 часот. За да не се создава гужва ги молам матичните лекари, но и пациентите, да се придржуваат кон овие правила и препораки за да можеме ефикасно да ја спроведеме оваа скрининг програма. Обезбедени се 900 тестови за подрачјето на општините Охрид, Струга, Дебар, Центар Жупа, Вевчани и Дебрца, со што ќе бидат третирани 900 пациенти. – изјави директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.

Директорот Точков рече дека позитивните резултати не значат дека некој е заболен, односно има рак на дебело црево, потребни се и други конфирмативни методи кои матичните лекари ќе им ги објаснат на своите пациенти.

Како што изјави доктор Слободанка Коцевска, специјалист по социјална медицина, се забележува пораст кај сите малигни заболувања.

„Според нашите истражувања за периодот од 2007 до 2016, ракот на дебелото црево, според анализата која што е направена за овој период се наоѓа на трето место според зачестеноста во нашиот регион. Бројката можеби не е толку впечатлива како што е на пример за рак на дојка, но сепак ги опфаќа оние кои се на возраст од 55 до 64 години, ризична група која и е опфатена со програмата на Министерството за здравство за рано откривање на малигни заболувања. Бројот на заболени е 130 во 2007 година, додека пак во 2016 година е 175. Разликата не е голема, но сепак се забележува пораст кај сите малигни заболувања, затоа и се превентивните програми во последниве години.“ – изјави Коцевска.

WebOhrid