28/03/2024
Македонија

Засилена поддршка за фирмите да исплаќаат повисоки плати, заеднички ангажман за заштита на работничките права и за подобар живот за сите

Во рамки на седницата на Економско социјалниот совет во Владата на Република Македонија вчера се одржа заедничка прес конференција на којашто се обратија Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Министерот за финансии, Драган Тевдовски, Претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија, Дарко Димовски и Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека почитта и признанието за трудот и работата на сите работници ширум Македонија се водилки во спорведувањето на социјалните политики на Владата на Република Македонија.

„Заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и потпретседателот за економски прашања на свечената седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) ја објавивме најновата мерка со којашто дополнително ја засилуваме спиралата на раст на платите за работниците во Република Македонија.“ соопшти премиерот Заев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање потенцираше дека Владата на Република Македонија спроведува социо – економскиот дијалог и ги почитува работниците и синдикатите и работодавачите како важен предуслов за економски раст и развој на државата.

„Освен тоа што ги зголемивме платите на 90.000 работници и обесштетивме 5.000 стечајни работници, пред две недели Владата ги усвои измените на Законот за работни односи коишто исто така ги унапредуваат правата на работниците. Утврдивме прецизни договори коишто треба да потпишани од работодавачите, но со јасни критериуми и задолженија за да можат работниците да си ги знаат обврските и правата и да можат да се борат за истите. Пробната работа којашто беше утврдена на 6 месеци сега е на 4 месеци. Платата на еден приправник беше 40 проценти, сега е зголемена на 70 проценти.“ соопшти министерката Царовска.

Министерката Царовска инфомираше дека покрај овие нови измени се работи на сосема нов Закон за работни односи кој преку социјален дијалог до крајот на годината ќе влезе во владина и собраниска процедура и којшто ќе разреши и други горливи прашања и кај работниците и кај работодавачите како што се технолошкиот вишок, вработувањето на определено време и слободата на синдикалното здружување.

„Како резултат на покачувањето на минималната плата, над 90.000 вработени со полно работно време добија повисоки плати. Просечната плата во државава во месеците јануари и февруари оваа година е за 4.6% повисока отколку во истиот период лани. 

Ефектите најдобро се гледаат во трите сектори кои претходно имаа пониска минимална плата. Така, кај производството на текстил, растот на плата во јануари и февруари изнесува 22%, кај облеката, 15%, додека во кожарството, 17%.“ рече министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање.

Тој потенцираше дека платите на работниците треба уште да растат и да се продолжат мерките за подигнување на животниот стандард.

„Затоа, денеска, на денот на работниците, сакам да ја претставам новата мерка која ја преземаме за да поттикнеме раст на платите. 

За работник кој ќе добие покачување на платата во однос на последното тромесечје на 2017 година, државата ќе покрие 30% од тој порастот на бруто платата. Мерката ќе се однесува на работници кои имале просечна нето плата до 18.000 денари во последните три месеци на 2017 година, и тоа на работници за кои фирмата не добива друга вид на помош или ослободување. Поддршката ќе се исплаќа откако фирмата ќе ја исплати платата на вработениот. Проценките покажуваат дека околу 50.000 вработени, во околу 15.000 фирми, ги исполнуваат условите.“ соопшти министерот Тевдовски. 

На заедничката прес конференција свое обраќање имаше и Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски кој изрази благодарност за соработката што Владата на Република Македонија ја покажува во однос на нивните барање за скалесто покачување на платите и за одбележување на важноста на 1 мај Денот на трудот преку одржување на седницата на Економско социјалниот совет.

Свое обраќање имаше и Претседателот на Организацијата на работодавачи на Република Македонија, Ангел Димитров информирше да првата точка на дискусија односно третиот столб на поддршка од Планот за економски раст кој адресира поддршка за малите, средни и микро претпријатија и ги повика компаниите да аплицираат по мерките и да ја искористат поддршката која ќе помогне за раст на продуктивноста и конкурентноста на компаниите.

Сите говорници во своите обраќања го честитаа 1 мај Денот на трудот со преземање обврска за меѓусебна соработка која ќе резултира со унапредување на работничките права и квалитетот на живот за сите граѓани.

Во рамки на одржувањето на седницата на Економско социјалниот совет премиерот Заев се обрати на заедничка прес-конференција на којашто истакна:

Почитувани министри,

Почитувани работници и претставници на синдикатите,

Почитувани претставници на работодавачите,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

Ми претставува голема чест овој голем празник – 1 мај Денот на трудот да го поминам работно со Економско социјалниот совет и да бидам посветен на суштински политики кои ги унапредуваат севкупните работнички права во нашата земја.

Трудот и работата мора да бидат вреднувани, а владите имаат обврска да осигураат услови за унапредување на работничките права. На овој голем ден, нагласувам дека почитта и признанието за трудот на сите работници ширум Македонија се секојдневна водилка во социјалните политики на Владата.

Заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и потпретседателот за економски прашања на свечената седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) ја објавивме најновата мерка со којашто дополнително ја засилуваме спиралата на раст на платите за работниците во Република Македонија.

Станува збор за мерка со која државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка од 30 % од растот на бруто плата на работници во трудоинтензивните дејности.

Мерката ќе се однесува за исплата на покачени плати, до 18.000 денари.

Околу 15.000 компании и 50.000 работници отприлика ги исполнуваат условите за користење на оваа мерка.

Поддршката ќе биде обезбедена за исплата на повисоки плати за нашите работници кои работат во мали бизниси коишто се занимаваат со трговија како што се малопродажни дуќани и продавници, гранапи, мали услужни бизниси како што се занаетчкиски работилници, фризерски салони и други дејности од областа на здравствената заштита меѓу кои стоматолшки ординации, ординации на општа медицина и други. Секако тука се и текстилот и кожарската индустрија.

Целта е една. Да растат платите и граѓаните на Македонија да имаат повеќе пари.

За да се почувствуваат економските резултати во сечиј џеб потребно е време, труд и заедничка работа.

Ја користам приликата од денешната свечена седница на ЕСС да упатам повик кон сите општествени чинители за наша заедничка акција –

ФИРМИТЕ – да ги покачат платите на своите работници, да аплицираат за мерките и да знаат дека државата е тука да помогне;

РАБОТНИЦИТЕ – посветени, да се вложат максимално во работата, и со својата креативност да придонесат во зголемување на продуктивноста на компаниите во коишто работат; работникот треба да е горд, зашто што носи напредок, раст и развој. Од него зависи севкупниот раст и развој на Република Македонија.

ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ – навремено и брзо да дејствуваат за исполнување на своите законски обврски и надлежности, да бидат услужни кон граѓаните; услужни кон компаниите, да ги доближат владините мерки до сите заинтересирани.

Оттука ја користам приликата да апелирам до сите компании да аплицираат за оваа мерка. Да немаат одбивност. Да се охрабрат и да ги искористат овие пари предвидени во буџетот. Државата сака да ги искористи сите пари до последниот денар. Контролите коишто ќе одат при аплицирањето ќе се однесуваат само на контрола на исполнетост на условите. Да не ги одвраќа тоа компаниите да аплицираат да ги искористат овие буџетски средства.

И трето сите ние сме овде да им служиме на граѓаните. Служејќи им на компаниите конечниот резултат ќе го добијат работниците.

Спиралата на покачување на платите ќе продолжи да расте, а ќе имаме стабилни и оджливи компании подготвени да се справат на меѓународниот пазар на компетитивноста и конкурентноста којашто секако е стратешка цел на државата.

Почитувани,

Во фокусот на економските политики што ги спроведуваме се работниците и работничките права, но и развојот и растот на конкурентноста на компаниите.

Веднаш ја покачивме минималната плата на 12.000 денари и ја отстранивме долгогодишната неправда којашто им се нанесуваше на работниците од текстилно кожарската индустрија.

Тоа беше првиот многу важен чекор за отварање на спиралата за пораст на платите. Денес одиме чекор понатаму во поддршка на компаниите и работниците, за секој да има можност за повисока плата.

Понатаму, во Планот за економски раст обезбедивме финансиска поддршка за компаниите кои за нововработени лица ќе исплаќаат повисоки плати над 18.000 денари.

Успеавме за краток временски период од 10 месеци трајно да ја решиме егзистенцијата на околу 5.000 стечајни работници и нивните семејства. Долгогодишната голгота на овие наши граѓани конечно доби позитивна разрешница.

Исто така, за прв пат заедно со Министерството за финансии одвоивме средства од Буџетот на Република Македонија за субвенциониран годишен одмор на работниците со пониски примања, а со Министерството за економија веќе ја спроведуваме таа мерка.

Ја користам приликата да ги повикам работниците да аплицираат на огласот којшто сеуште е отворен и да ја искористат оваа можност за да ги однесат своите деца и семејства на летување или годишен одмор на некоја од нашите преубави домашни туристички дестинации.Ваквите можности се придонес кон еднаквоста во општеството.

И кога велам да овозможиме еднаков пристап за сите, мислам и на вас новинарите, и вие кои ја следите денешната прес конференција, но и на сите останати. Апелирам кон сопствениците на медиумските куќи да ги следат политиките на пораст на плати. Затоа што и новинарите се работниците во државата!

Почитувани граѓани, почитувани работници,ова е само почетокот!Ќе продолжиме со сите расположливи ресурси да работиме за пристојна работа, за работници кои чекорат исправено и со кренати глави кон своите работни места, за квалитетен животен стандард.

Македонија е земја која живее, се гради и развива од рацете на своите вредни работници.

Уставот ја декларира Македонија како социјална држава.

Јас како левичар и премиер на сите граѓани ја чувствувам обврската да создадам услови Македонија да профункционира како држава која се грижи еднакво за сите граѓани!

Вложуваме многу во економски и социјални мерки да ја направиме Македонија земја на можности за сите свои граѓани.

На самиот крај – На сите граѓани и граѓанки на Република Македонија, на сите работници и работнички го честитам 1-ви Мај, Денот на трудот и Ајде заедно да работиме за унапредување на работничките права и за подобар живот за сите.


Одговори на новинарски прашања на премиерот Зоран Заев;

Медиуми: Дали се реални барањата за одблокирање на сметките на 50 илјади граѓани и што може да се направи со извршителите?

Премиерот Заев: Јас се сметам и себеси за работник, веројатно и вие, медиумските работници. Синдикатите се на крајот заштитници на нашите работнички права, јас ги поддржувам генерално сите овие заложби на синдикалните организации во Република Македонија и согласно можностите коишто постојат во Владата, согласно перформансите и капацитетите на нашата економија, јас верувам дека се остварливи права и треба да работиме посветено на нив, преку дијалог, веројатно ќе има и критики, ќе има и незгодни работи но не треба да се откажуваме да работиме за тие права.

Квалитетот на животот не се само примањата, туку и она што претставува преокупација на огромен број наши семејства, работници во државата, а тоа е проблемот со извршителите односно со извршните трошоци кои ги имаат граѓаните.

Формирана е работна група, задолжен е потпретседателот на Владата – Оливер Спасовски да ја координира, кадешто учествуваат министерствата за правда, финансии, труд и социјална политика и други ресори. Целта е преку изменување на законите за извршување, за нотаријатите и други законски решенија, севкупните трошоци во таа структура – да ги намалиме.

И работиме интензивно. Јас верувам дека ќе успееме, со тоа што секој треба да се откаже од нешто, на крајот, постоиме заради граѓаните, а извршителите и нотарите работат на јавни овластувања, и треба да знаеме преку тие јавни овластувања, треба да имаме чувство за аспектот на социјалната состојба на нашето население, на нашите граѓани.

Јас верувам дека преку намалувањето на тарифите, односно на тие вкупно 42 тарифи во извршителските служби на некои 10тина, ќе придонесат за тоа. Преку отстранувањето на дополнителните адвокатски трошоци за комуналните услуги за вода, смет, телефонија, струја и слично, туку самите служби да можат да ги наплатуваат побарувањта ќе можеме да ги намалиме и тие трошоци. Ќе се откажат од нешто и нотаријатите и државата ќе се откаже од еден дел од своите приходи, па така ќе паднат севкупните трошоци, и тоа ќе важи од донесувањето на овие закони, па натаму. 

Но, голем дел од нашите граѓани имаат проблеми, дури и за долгови од 2003-та година, 2007-ма година со огромни камати.

Власта и опозицијата претставена преку неколку пратеници, отворија една иницијатива, преку вакво законско решение за отпишување на каматите за струја за десетици илјадници наши граѓани.

Ќе имаме имаме прв работен состанок со тие пратеници заедно со институциите во државата и нивните претставници, ќе се обидеме заедно да помогнеме, преку откажување од каматите на соодветни институции вклучително и приватни и со државна интервенција да помогнеме на граѓаните и во овој дел.

Убаво што на празников ги даваме и овие одговори за да допрат до огромен процент на наши сограѓани кои мака мачат како да излезат од овој маѓепсан круг на постојано блокирање на сметките, на неможноста никогаш да се исплатат овие извршителски долгови и трошоци коишто постојат и со тоа не добиваат никаква фер шанса за да го креираат и планираат својот живот. Јас сум убеден дека можеме да успееме. Навистина ми е значајна флексибилноста на Министерството за финансии и на економските ресори коишто постојат во државата и социјалните аспекти во областа на трудот и убеден сум дека доколку посветено работиме, можеме да изнајдеме решение за ваквите горливи проблеми.