Затуроска: Ќе настојуваме со сите наши можности да докажеме дека нашите колеги се невини

За одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да не учествува на заседанијата и парламентарните тела во Собранието како гостин во емисијата „Алфаскоп“ на Алфа Телевизија говори пратеничката Лилјана Затуроска. Таа истакна дека оваа одлука не значи целосен бојкот на Собранието бидејќи секојдневно се активни во средби со граѓаните и целната група. Златуроска рече дека пратеничката група нема да учествува во расправата на собраниските тела во парламентот до моментот додека не се создадат поволни услови за да може опозицијата да партиципира во секојдневните активности.

Затуроска истакна дека пратеничката група има остварено контакти со повеќе амбасадори во Македонија за да се запознаат одблиску за случувањата. Тие ветиле дека ќе разговараат со нивните правни служби и одблиску ќе го следат целиот процес.

„Искрено рекоа дека тоа ќе го направат. Следуваат наредните чекори, повторно да имаме средба со нив и да видиме кој дел се виновниците и се теретат за навистина едно исклучително по мене надвор од разумот обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата. Јас можам да кажам за сите оние луѓе кои се привредени 35 меѓу кои 6 пратеници во составот на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека се неправедно притворени и осудени за едно вакво дело што значи тероризам“ рече Затуроска.

Затуроска потенцираше дека сите пратеници ќе најстојуваат да направат се што е во нивна можност да ја докажат невиноста и неправдата кој им е нанесена на нивните колеги.

„Ние ќе настојуваме со сите наши можности кои ни ги дава и собранискиот Деловник и Уставот да влијаеме на секој начин да кажеме дека притворените наши колеги пратеници апсолутно се теретат за нешто коешто не го направиле и ќе бараме начин нив да ги извадиме од затвор затоа што не се виновни. Тоа го направивме и преку испраќање на писма до нашите колеги пратеници од другите парламенти од регионот“ потенцираше Затуроска.

На прашањето што е целта на власта со овој начин на третирање на пратениците, Затуроска одовори:

„Искрено целта е очигледна, заплашување на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата при нивните настапи во Собранието и при изнесување на нивните мисли и сугестии во однос на конкретни прашања. Тоа јас така го гледам. Тоа е мојот личен став. 12% од пратеничката група или 5% од сите пратеници во парламентот навистина е да се замисли како и на кој начин се загрозува парламентарната демократија или еве вака да го расудуваме, 12% или тоа значи 60 000 гласачи на тие пратеници да немаат претставник којшто ќе ги пренесува нивните барања, нивните потреби во парламентот и да изнајдуваат соодветни решенија за нивните секојдневни потреби“ истакна Затуроска.