25/04/2024
Македонија

Затворени два угостителски објекти, а сопствениците приведени поради кршење на Ковид мерките

На 15.12.2020 околу 21.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 38-годишниот тетовец Д.С, чиј угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, работел со гости по дозволеното време и не ги почитувал мерките за справување со коронавирусот. Објектот бил затворен, додека Д.С. е задржан во Полициската станица Тетово и по целосното расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвенa пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

На 15.12.2020 околу 22.50 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода Б.С.(27) од гостиварско Дебреше, затоа што неговиот објект во селото бил отворен и во него се наоѓале десетина гости. Тој е задржан во Полициската станица Гостивар и против него ќе следува поднесок, исто така, по член 206 од Кривичниот законик. Неговиот угостителски објект без фирма бил затворен од Државниот пазарен инспекторат.