25/04/2024
Македонија

Завршена првата трансплантација на коска од починат дарител

На Клиниката за Ортопедски болести претпладнево беше завршена првата трансплантација на коска од починат дарител која траеше пет часа. 
„Честитки до тимот хирурзи предводен од проф. др. Милан Самарџиски и др. Александар Трајановски. Тие направија комплексната операција на замена на малигно променето коскено ткиво со здраво ткиво, кај пациент кој се лекува од малиген тумор на коска.
Ова е прв ваков тип на интервенција на замена на оштетено коскено ткиво со дониран алографт. Во тимот учествуваа и др. Далип Јахја, др. Милена Богојевска Доксевска, др. Александар Савески, др. Резеарт Далипи како и васкуларниот хирург др. Никола Граматниковски.
Експлантацијата на коскените ткива се случи на 17 април кога тимот хирурзи од Клиниката за Ортопедија предводен од др Александар Трајановски ја направи првата експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Сите експлантирани графтови беа микробиолошки тестирани и складирани за презервација на температура од -40 во Банката за коскени и меки ткива во склоп на клиниката.
Инаку коскените трансплантанти имаат огромен бенефит за пациентите и се користат кај оштетувања на скелетот предизвикани од бенигни и малигни тумори, состојби после трауми, последици од пропаднати ендопротези, вродени аномалии и како и кај ред други заболувања кои прават оштетувања на скелетот.“ – информираше министерот за здравство д-р Венко Филипче.