25/04/2024
Дебрца

Заврши 4. Балкански поетски камп “Ванчо Николески”

Со целодневен престој во селото Црвена Вода и посета на родната куќа на писателот Ванчо Нимколески, родоначалник на македонската литература за деца и млади, заврши четвртиот, по ред, Балкански поетски камп Ванчо Николески.

Последна точка за песна беше СРЦ Бела Каса, на 1300 метри надморска височина на падините на Караорман.

На годинешното издание учествуваа поети од повеќе земји на Балканот и ЈИ Европа. Оксана Чернеева (Украина), Ана Багрјана (Украина), Димитар Христов (Бугарија), Сара Џелили (Албанија), Едина Мифтароска, Д-р Ана Петреска и Јована Граждани (Македонија).

Виртуелно, уште и Тамара Спиркоска (Хрватска), Милутин Ѓуричковиќ (Србија).

Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ (26-28 август), се одржува под покровителство на Светската акдемија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, а до учесниците Послание испраќа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Оваа манифестацијај ги обединува младите поети и писатели за деца, од различни земји на Балканот, особено оваа година од Украина, Бугарија, Албанија, Хрватска и Македонија.

Оваа пријателска и креативна средба треба да послужи како пример за сите луѓе со добра волја, писатели и други балкански уметници, кои преку размена на своите идеи и креативни резултати, го потврдуваат сопствениот јазик и литература, овозможуваат и нумерички помалите нации, да бидат попознати и почитувани, порача во поздравното писмо генералниот секретар Светската акдемија на поезијата, д-р Лаура Троиси.

Поетската работилница на Кампот ја водеа Ана Багрјана (Анна Багряна),украинска писателка, поет, драматург и преведувач и д-р Ана Петреска, истакнат логопед од Македонија.

Откритие на четвртото издание на Кампот беше младата, надарена поетеса Оксана Чернеева, која пишува на украински и бугарски јазик.


WebOhrid / 28.08.2022 / Веле Митаноски